Нема договор Трамп – Зеленски за користење на ретки минерални суровини на САД од украинска територија. Посетата на украинскиот претседател во Вашингтон пропадна по тензична атмосфера на заедничката прес-конференција, на која пак, требаше да се потпише спогодбата. Имено, почесниот пречек на Трамп на Зеленски во Белата куќа, како можен почеток на крајот на војната меѓу Русија и Украина се претвори во вистинска караница меѓу двајцата претседатели во Овалната соба со вклучени камери.
По ова Трамп на социјалните медиуми објави дека го испратил Зеленски од Белата куќа:
„Имавме многу важен состанок во Белата куќа денеска. Научивме многу што не може да се разбере без да се зборува под оган и притисок. Неверојатно е што произлегува од емоциите, а јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи тој верува дека нашето учество му дава огромна предност во преговорите. Не сакам искористување, сакам МИР. Тој не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во нивната Овална канцеларија. „Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, напиша американскиот претседател.
Најпрво Трамп кажа дека сака мир и дека не е на ничија страна, но кажа и дека е посредник во спорот, па во таа смисла е и за Русија и за Украина.
На ова Зеленски пак, возврати дека прекин на огнот е можен само ако има некакви гаранции и го повика Трамп да не прави компромиси со убиец. Исто така, рече дека преговорите за мир треба да се одвиваат меѓу Украина и Русија, и Европа, а не меѓу САД и Рсуија бидејќи тие не се во конфликт. Ова прилично ги разлути Трамп и потпретседателот Венс и побараа поголема почит и благодарност од украинскиот претседател за се што досега САД направиле за Ураина.
Неизвесно е дали сега по оваа ситуација Зеленски ќе отпатува и кај британскиот премиер Стармер, како што беше најавено. Стармер во недела пак, треба да биде домаќин на нов неформален европски состанок, како оној што го организираше Макрон пред две недели, но во малку проширен состав. Макрон попладнево излезе со големи очекувања од оваа нова средба, бидејќи како што рече дека Французите и Британците работат на многу конкретни решенија за одржување и обезбедување гаранции за безбедност на теренот.