Во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеска ја посети Општина Зелениково, каде што одржа работна средба со градоначалникот Коста Маневски и членовите на општинскиот Совет.
Средбата, како што соопшти Министерството, била искористена за размена на идеи и ставови во однос на актуелните предизвици со кои се соочува општината, но и за планирање идни чекори за понатамошен развој и напредок на локалната самоуправа. Фокусот бил ставен на најважните приоритети за подобрување на животните услови на жителите и за унапредување на инфраструктурата.
На средбата бил разгледан предлогот за измена и дополнување на Законот за локална самоуправа.
Министерот Перински истакнал дека оваа измена ќе донесе значајни подобрувања во управувањето на сите општини, со зголемена отчетност и транспарентност, што ќе овозможи поефикасни услуги за граѓаните. Според министерот, измените ќе ги зајакнат општините и ќе им овозможат да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, создавајќи подобри услови за живот.
Општина Зелениково, која се наоѓа во јужниот дел на Скопската котлина и ја сочинуваат 14 населени места со рурален карактер, сериозно го насочува својот фокус на подобрување на патната инфраструктура. На првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, на Општината ѝ беа одобрени три проекти, а на вториот повик, таа аплицираше за седум проекти.
Министерот Перински нагласил дека Владата ќе продолжи да ги поддржува локалните самоуправи и да инвестира во нив што е од големо значење за остварување на заедничките цели за создавање пофункционални и современи локални заедници.
Поддршката од Владата, како што било нагласено на средбата, претставува значителен фактор за успешната реализација на инфраструктурни проекти и за обезбедување континуиран развој на сите општини и региони. Поддршката со засилен интензитет ќе продолжи и во иднина во насока на создавање пофункционални општини кои овозможуваат подобро секојдневие за сите, велат од Министерство за локална самоуправа.
The post ЗЕЛЕНИКОВО ЈА ПОДОБРУВА ПАТНАТА ИНФРАСТРУКТУРА Перински нагласил дека Владата ќе продолжи да инвестира во општините appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
