Просторот зад Собранието на Македонија ќе биде прогласен за безбедносна зона, заради безбедно и непречено функционирање на Собранието. Просторот ќе биде заштитен и уреден исклучиво за потребите на Парламентот, а таму нема да можат да се одржуваат ниту граѓански собири ниту протести.
Ова е превидено во новиот закон кој ќе биде донесен со општ консензус и по скратена постапка. На предлогот се потпишани координаторите на сите пратенички групи и претседателот Африм Гаши.
Се работи за ливадата зад Собранието, како и за асфалтираниот простор и приодот кон Домот на АРМ. Вкупната површина на безбедносната зона зафаќа 1,55 хектар. Улицата 11 Октомври, пред Собранието, каде досега се одржуваа протести не е дел од безбедносната зона.
На парцелата во ливадата требаше да се гради катна гаража, но тој процес е одамна стопирам, а според законското решение, на сопственикот што ја купи парцелата за гаражата ќе му бидат вратени парите, онолку колку што платил, без камата.
„Просторот околу објектот на Собранието се прогласува за безбедносна зона, заради безбедно и непречено функционирање на Собранието. Безбедносната зона претставува јавен интерес од значење за државата. Безбедносната зона е површината на просторот околу објектот на Собранието со дефинирана граница којашто ги опфаќа земјиштето и воздушниот простор, до која од безбедносни причини и заради безбедносни интереси на државата пристапот и користењето се ограничени со закон“, се вели во предлог-законот.
Висината на безбедносната зона во вертикала на утврдената територијална граница изнесува 100 метри. Границата на зонатата ќе ја забележи Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност, а целата површина ќе биде запишана како сопственост на државата, со пробелешка дека се работи за безбедносна зона. Границата не може да се менува при донесување на нов урбанистички план и претставува составен дел од секој нов урбанистички план или урбанистичко-планска документација.
„Просторот во безбедносната зона се користи за потребите на Собранието и се уредува со поставување на времени објекти и урбана опрема во функција на негова непосредна употреба. Користењето и уредувањето на просторот се врши со одлука на претседателот на Собранието. Обезбедувањето и надзорот на просторот на безбедносната зона го врши надлежното министерство согласно закон“, се вели во законското решение.
Во безбедносната зона ќе бидат забранети градежни активности, поставување на линиска и инсталациона инфраструктура, одржување на јавни собири, протести или манифестации, летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала и вршење на други работи со кои се нарушува или оневозможува нормалното функционирање на Собранието и објектите што се наоѓаат во непосредна близина.
„Со предложеното законско решение ќе се постигне и ќе се гарантира безбедноста на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, ќе овозможи слободен пристап на пратениците и надворешните лица и ќе се спречи искористување на просторот за потреби кои не се на Собранието“, се вели во новиот закон.
The post ПРОСТОРОТ ЗАД СОБРАНИЕТО ЌЕ БИДЕ БЕЗБЕДНОСНА ЗОНА Пратениците сложни во намерата да обезбедат двор за законодавниот дом appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
