Украина и САД потпишаа меморандум како прв чекор кон постигнување договор за експолатација на украинските минерални суровини, објави Јулија Свириденко, прв заменик-премиер и министер за економија на Украина.
– Среќни сме што можеме да го објавиме потпишувањето, со нашите американски партнери, на меморандум за намери, кој го отвора патот за договор за економско партнерство и формирање на инвестициски фонд за обнова на Украина – напиша Свириденко на платформата Х.
Без да објави дополнителни детали, таа посочува дека идниот договор кој се очекува да придонесе за економски раст на двете земји, ќе мора да биде ратификуван во украинскиот парламент.
Потпишувањето на меморандумот доаѓа по инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп за билатерален договор за минерали како дел од неговите напори да стави крај на војната на Украина.
Трамп го гледа договорот и како начин за враќање на милијарди долари вредната помош што Вашингтон и ја даде на Украина во војната со Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, изјави дека Украина нема намера да ја признае како заем воената помош од претходната американска администрација.
Соединетите држави ја намалија проценката на трошоците наменети за помош на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година на околу 100 милијарди долари од 300 милијарди долари, објави Блумберг, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Договорот за минералните суровини, првично требаше да биде потпишан кон крајот на февруари во Белата куќа, но американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседатело Џеј Ди Венс и шефот на украинската држава Володимир Зеленски тогаш се впуштија во жестока кавга и потпишувањето беше откажано.
Минатиот месец администрацијата на Трамп предложи нов, поширок договор за минерални суровини, кој на Украина не и дава никакви безбедносни гаранции, но бара сите приходи од експлоатација на природни ресурси од државни и приватни компании лоцирани на украинска територија да се прелеат во заеднички инвестициски фонд.
The post ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА МИНЕРАЛИТЕ Украина и САД се поблиску до постигнување договор appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
