Премиерот Христијан Мицкоски беше кристално јасен, нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ комплексни, тешки времиња која е најголемото богатство што го имаме како држава, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
– Посебно во овој регион идентитетот е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат, но за нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет, како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци и апсолутно никој нема право да го оспори тоа, односно, да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци – рече Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје.
Еврокомосерката за проширување Марта Кос вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување. Идентитетот според, неа се и македонските специјалитети како тавче гравче, пинџур и полнети пиперки.
Мицкоски во репликата на изјавата на Кос посочи дека за него македонскиот идентитет не се само македонските специјалитети, туку и Гоце Делчев и Даме Груев и Сандански.
– За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но, тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет – рече Мицкоски.
The post НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ СЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ИСТОРИЈАТА И МНОГУВЕКОВНАТА КУЛТУРА Никој нема право да ни го оспори, а се обидуваат земји што се нарекуваат европски appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
