Пробиен рокот за исплата на мартовската плата за вработените во културата. Синдикатот реагира дека за Велигден над 3000 работници од културата се оставени без пари, но револтот е голем бидејќи ова велат дека не се случува за првпат. Според колективниот договор платите треба да се исплатат до 10-ти, но пробиен е и законскиот краен рок 15 април.
„Институциите и да сакаа не можеа навремено да изготват плата, бидејќи од службите на Министерството за култура им беше кажано дека ако ја пресметаат платата согласно колективните договори истата ќе им биде вратена и дека треба да чекаат насоки од нив. Дали министерот знае дека вработените во институциите добиваа „ викање и дерење“ од страна на вработените во министерството наместо насоки, и на крај насоките стасаа на 10ти април преку мејл без потпис на одговорен“ , велат од Синдикатот.
Мартовската плата ќе легне на сметка веднаш по Велигден, тврди министерот за култура. Усогласување на платите е испратено во Министерството за финансии. Љутков вели доцнењето е поради неусогласени одредби за начинот на пресметување на платата со новото покачување за кое имало спор од страна на синдикатите.
„Ова не е само административен пропуст туку е директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат културната меморија, се грижат за духовното богатство на нацијата и создаваат уметност- реагира опозицијата.
Министерот за култура, Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Синдикатот најави и тужби за доцнење на плата во сите институции и порачаа дека го одмрзнуваат протестот што беше закажан за после празниците.