Царинската управа изминатите денови спречи низа обиди за криумчарење различни стоки преку неколку гранични премини низ државата. Меѓу запленетите производи се лекови, медицински материјали, очила, мотоцикл за крос, парични средства, религиозни предмети, но и голема количина облека, обувки и чоколади.
Според информациите од Управата, царинските службеници на граничниот премин Деве Баир заплениле ампули и лекови, меѓу кои пет парчиња „Genotropin GoQuick“ од 12 mg и 50 вијали „Dysport“ — препарати што се користат за терапија при хормонален дисбаланс и невролошки нарушувања. Притоа се пронајдени и 170 килограми мед, 177 чоколади, чаеви, како и брендирани фармерки, скриени во автобус кој сообраќал на релација Македонија – Турција – Македонија.
„Сторителот се обидел да внесе лекови и други производи без дозвола, што претставува сериозно кривично дело. Поднесена е соодветна кривична пријава,“ информираат од Царинската управа.
Мобилен тим на Царината на преминот Богородица открил над илјада парчиња стоматолошки материјали, меѓу кои прибор за импланти, средства за белење и пломбирање, како и материјали за круни и мостови, пренесувани без соодветна дозвола од македонски државјанин.
Истиот премин бил место и на друга заплена – 58 штеки цигари, сокриени во три камиони и едно патничко возило. Возачите се обиделе да ги скријат цигарите во необични места: под душек, во филтер за воздух и преграда за алат.
Во царинската испостава во Гевгелија, цариниците откриле над 600 парчиња очила со диоптер, при што увозникот немал потребна дозвола за увоз.
На граничниот премин Табановце цариниците спречиле повеќе обиди за шверц, меѓу кои еден патник се обидел да внесе шест илјади евра и голема количина облека, чанти и обувки без пријава. Според Царинската управа, на лицето му се вратени 10.000 евра, а остатокот е запленет. Во возилото биле пронајдени и 100 парчиња облека, седум пара обувки, две чанти и два паричници.
Во друг случај, македонски државјанин патувал со автомобил од Германија во кој се обидел да шверцува крос мотоцикл, без документација и пријава. При други контроли во возила се откриени и UPS уреди, каиши за товар, печатач, делови за уреди и над 70 парчиња облека.
На истиот премин, патник во автобус на линија Белград–Уранополис пренесувал над две илјади парчиња религиозни предмети, меѓу кои дрвени крстови, бројаници и метални приврзоци, без да ги пријави.
„Нашите мобилни тимови и службите на сите гранични премини постојано ја следат ситуацијата и преземаат засилени контроли. Целта е јасна – нулта толеранција за шверц“, велат од Царинската управа за медиумите.
Во акциите биле откриени и 12 парчиња употребувани делови за возила и нова пумпа за кочење, скриени во автомобил со косовски регистарски таблички, кој се пријавил за влез на граничниот премин Дојран.
Царинската управа најави дека продолжува со засилени контроли на сите влезни точки во државата и ќе поднесува соодветни пријави против сите сторители кои ќе се обидат да криумчарат стока, пари или предмети за кои е потребна посебна дозвола.
The post КРИУМЧАРЕЛЕ ЛЕКОВИ, ДИОПТРИСКИ ОЧИЛА И ХОРМОНИ ЗА РАСТ Во акциите Царина запленети и мотоцикл, чоколади, ботокси, пари… appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
