Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска изјави дека ја потпишал владината Одлука за законското усогласување на минималецот, без согласност од синдикатите за да не се предизвикала блокада во исплатата на платите во државата.
-Замислете што ќе се случеше ако не ја потпишав Одлуката? Jас според законот кој е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавачите и по одлука на Влада обврзан сум пред 31 март да ја објавам минималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната плата и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени. Немаше согласност од синдикатите, бидејќи им е истечена репрезентативноста – рече Дурмиши.
Тој рече дека Комисијата за утврдување на репрезентативност работи и наскоро ќе биде објавено кој од синдикатите ги исполнил условите.
-Кога ќе се определи нивната репрезентативност, веднаш ќе го свикам Економско-социјалниот совет и тогаш сите ќе ги изнесат своите аргументи за минималната плата – додаде Дурмиши.
Тој рече дека синдикатот има право на протест, но и дека на улица не се изнесуваат барања.
-Еконономско-социјалниот совет е местото каде синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица. Ако синдикатите и работодавачите се договорат за било кој друг основ и било која друга методологија и законско решение за утврдување на минималната плата како Влада сме тука за да им помогнеме и да им излеземе во пресрет – рече Дурмиши.
The post ИЗНОСОТ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА МОРА ДА СЕ ОБЈАВИ ДО 31 МАРТ Дурмиши ја потпишал одлуката за минималната плата appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
