Нападите на Иран врз Израел ќе продолжат и ќе се прошират и на американските бази во регионот во наредните денови, објави иранската новинска агенција Фарс, повикувајќи се на високи ирански воени претставници.
Оваа конфронтација нема да заврши со ограничените акции од синоќа и иранските напади ќе продолжат. Овие акции ќе бидат многу болни и за жал – со тешки последици за агресорите. Војната што ционистичкиот режим ја започна со агресија ќе се прошири во наредните денови на сите територии окупирани од овој режим и американските бази во регионот, а агресорот ќе стане цел на решителен и голем удар од страна на Иран, објави Фарс, повикувајќи се на високи воени претставници.
Заканата од поширока војна доаѓа откако Иран и Израел продолжија да се напаѓаат едни со други и денеска откако Израел ја започна својата најголема воздушна офанзива досега против својот долгогодишен непријател во обид да го спречи да развие нуклеарно оружје.
Во меѓувреме, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека „не е донесена одлука“ за откажување на следната рунда разговори за нуклеарната програма на земјата со САД, но присуството на ирански претставник „не е сигурно“. Средбата е закажана за утре во Оман.
Дијалогот на Техеран со САД за нуклеарната програма на Иран станува „бесмислен“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи, по израелски воздушни напади.
– Другата страна (САД) дејствува на начин што го прави дијалогот бесмислен. Не можете да тврдите дека преговарате, а во исто време да ги делите задачите дозволувајќи му на ционистичкиот режим (Израел) да ја таргетира иранската територија – изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, цитиран од новинската агенција Тасним.
Тој рече дека Израел „успеал да влијае“ на дипломатскиот процес и дека израелските напади немало да се случат без дозвола од Вашингтон.
Техеран претходно ги обвини САД за соучество во израелските напади, но Вашингтон го негираше ова.
Претставникот на САД во Советот за безбедност на ОН рече дека би било „мудро“ Иран да ги продолжи разговорите за својата нуклеарна програма.
The post ИРАН ИМ СЕ ЗАКАНИ И НА САД Ќе удриме на американските воени бази appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
