Интелектуална беда

Одамна, ако не веќе од самите почетоци во онаа 1992 година, знаеме дека „нешто“ кај нас не е во ред, дека имаме некаква „системска грешка“, дека е прашање дали дури и имаме систем или баш сѐ во државата „функционира“ според некакви и нечии искривени – да не речам ретардирани – параметри, дека волунтаризмот, провинцијализмот и особено глупоста стануваат доминантни фактори коишто континуирано се реинкарнираат и допираат дури до самите врвови на власта.
И сите заедно, но особено глупоста, односно заглупувањето на нацијата се покажуваат како најцврста и долгорочна „политика“, со тенденција авторитарно да завладеат, целосно да ги окупираат остатоците на „системот“. А таа окупација ќе биде – ако веќе не е – пострашна од сите други.
Зашто, економското осиромашување, проследено со сите други последователни општествени рецидиви комбинирани со растечкиот бран на општа криминализација и корупција, одамна го опструира нормалниот развој на државата. Меѓутоа, кога интелектуалното потклекнување на нацијата ги пробива сите дозволиви надолни бариери, кога глупоста царува во државната администрација, во културата, образованието, здравството, медиумите…, а особено кога политичките елити не го превенираат туку ја поттикнуваат таа интелектуална беда, тогаш земјата ја зафаќаат речиси несопирливи пеколни сили. И тие ништат сѐ пред себе.
Дали најновиот скандал со идиотската „преработка“ на приказната за Црвенкапа како лектирна задача за второ одделение е пеколот што ни тропа на вратите? Не е, зашто такви назнаки – а особено со лектирните изданија и учебниците! – сме имале и претходно и сите мазно поминувале или биле игнорирани од „надлежните“, а особено од политиката и интелигенцијата. Како што ќе биде игнорирано и ова. И тоа значи дека секакви малоумници и понатаму ќе креираат нивни ретардирани „политики“ во образованието, други ќе клепаат некакви монструозни книжулиња и „учебници“ коишто потоа трети ќе им ги сервираат на децата… итн. Да живее глупоста, смрт за умот!
Хоризонтите на дел од „малите“ земји, меѓу нив и Македонија, по правило бараат излез во (често сомнителното и речиси по правило контрапродуктуивно насочено) економско јакнење на државата што пак, како по некаков автоматизам, треба да донесе општ просперитет. Но тоа ретко се случува баш така. Без оглед на нултиот степен на кредибилитет на Бајден, неговите констатации во последниот претседателски говор го кажуваат токму спротивното: дека „Во Америка денес се формира олигархија на екстремно богатство, моќ и влијание, која навистина е закана за нашата демократија и нашите основни права и слободи“.
И тоа звучи застрашувачки и одзвонува како некаква можна опомена и за помалите држави, особено за нас, како можен сигнал дека економскиот просперитет на поединци не е гарант и за просперитетна држава. Уште помалку за демократска и слободна држава. Особено што кај нас тој личен просперитет секогаш е на грбот на државата/народот.
Но САД сѐ уште имаат неисцрпен интелектуален потенцијал којшто сепак, на некој начин, ги гарантира највисоките општествени вредности. Ние тоа го немаме. Можеби не сме го ни имале во таа и толкава мера, но сепак македонската интелигенција до деведесетите години на минатиот век беше некаква брана против провинцијализацијата, простотијата, упросечувањето, па и царувањето на глупоста.
Не знам дали на нешто слично како Бајден предупредува и ВЛЕН со последното соопштение во кое се вели дека „живееме во земја во која политичарите и нивните семејства промовираат луксузен живот, додека граѓаните пресметуваат како да се справат со своите трошоци до крајот на месецот. Ова е омаловажување, злоупотреба, измама на граѓаните додека моќта стекната со својот глас ја претворат во извор на богатење на нивните семејства“? Прозвучува некако слично, иако останува нејасно која е другата опција. А ја има и се вика користење на врвните интелектуални потенцијали на земјата! Но, подготвени ли се за тоа? Не само тие, се разбира.
Наместо тоа, денес кај нас владее безмалку радикален анти-интелектуализам, одбојност кон интелектуалците, особено оние слободномислечките односно кои не се партиски инволвирани. Впрочем, погледнете го составот на највисокиот законодавен дом последниве петнаесетина-дваесет години, министрите во владите, директорите на државните институции, па и на културните, научните и образовните. Некој ќе рече дека тоа е разбирливо бидејќи интелектуалното и политичкото (поточно политикантското) секогаш чекореле по спротивставени патеки.
Но проблемот е што таквите патеки се подметнуваат во целиот систем, дури и за најодговорните функции во државата. Па следствено, некои и процесот на евроинтеграциите го гледаат како пат што „бара лидерство“ и „не е постелен со философска реторика или моменти на искрена национална гордост, туку се гради со неуморна работа, храброст и способност да се обединиме без оглед на нашите разлики“ (sic!).
Зашто, нели, на граѓаните не им треба интелектуализмот, знаењето, филозофијата односно реториката, туку „(…) визија која инспирира, водство кое дава и иднина која е исто толку силна како народот кој ја нарекува оваа земја дом.“ А тоа, заедно со остварувањето на „легитимните соништа“ на граѓаните, можело да го пружи само партиското лидерство!
Се разбира, ова е само уште еден пример на анахроно, па и ретроградно гледање на улогата на партиите, лидерите и сличните партиски шушумиги во развојните процеси на државата, во остварувањето на демократијата, реформите, па и „легитимните соништа“ на граѓаните. И тука очигледно нема место за интелигенцијата, знаењето, компетентноста, рациото…, зашто тие се изгонети безмалку од сите политички партии. Сега треба да ги изгониме и од земјата и неа да ја препуштиме на – партиските лидери! А со нив и на криминалот, корупцијата, мафиите од сите сорти…
Или, ако баш сакате, погледнете ја сектана викана сдсм (малите букви се…), нејзиниот провинциски „интелектулизам“, глупоста и неспособноста на врхушката којашто тоне во жабурник од волунтаризам и простотија, сега и со судски пресуди за клевета и навреда на високи државни функционери. Тие кои милуваа да се нарекуваат најинтелектуална партија се сега факелот на малоумноста, ретроградноста и некултурата.
Затоа и воопшто не збунува „новата Црвенкапа“ и водата од варените колбаси на бабата, еднакви на оние „а ла Грим“ скаски за некаква „парауправа“ којашто ѝ пречела на бившата криминална коалиција да постигне барем некаков нормален резултат. Тоа е нашиот реален одговор на бедата во којашто запаѓаме, тоа е иднината на оваа држава со ваквиот систем на негативна селекција и интелектуална негација.
Зашто, ако интелектот е способност на човечкиот ум да допре до точните (сепак, не велам и непогрешливите!) заклучоци за потенцијалната вистинитост односно неточност на реалноста, тогаш зошто ние интелектот го заменуваме со некакво смешно лидерство, политикантство, волунтаризам, национализам, криминал, корупција…, па и богатството на поединецот? Кога и каде овие „нешта“ придонеле за развојот на едно општество? И зарем досегашните три децении талкање низ лавиринтите на политикантството, лажниот сјај на политичките и бизнис елитите, на квази-интелектуализмот во служба на приземните и калкулантски политики не се доказ токму за погрешниот пат по којшто ја туркаат државата?
 
Прочитајте ја целата статија од изворот

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×