Фашизмот под скутот на ЕУ

Нацистички знамиња со кукест крст, во форма на долги црвени бандероли, беа обесени деновиве над тунел на една од главните сообраќајници во Стокхолм. Шведската полиција ги симна знамињата набрзо откако медиумите објавија фотографии за истакнувањето на симболите на фашистичката иконографија. Во медиумите беше забележано дека настанот се совпаднал со роденденот на Адолф Хитлер, 20 април.
Вакви и слични настани воопшто не претставуваат изолирани инциденти, туку сè почесто се случуваат во голем број европски земји. Но бројката на оние кои се осмелуваат да го употребат зборот „фашизам“, за да ги означат заложбите на екстремно десничарските и радикални движења и партии во Европа, и понатаму не е посебно голема.
И тоа не само кога станува збор за улични демонстрации со грлати врескачи и насилнички испади од страна на неонацистички и екстремистички групации, туку и за моќни политичари кои зборуваат за пресоздавање на митското минато на нацијата, за редуцирање и укинување на граѓанските права, или им се закануваат на малцинствата и на маргинализираните групи во општеството.
Погледите и ставовите околу оваа проблематика, кои се поврзана со ширење на дезинформации, лаги и (полу) вистини, се мошне различни во Европа, често како израз на спротивставени мислења и толкувања.
Во пресрет на Денот на победата над фашизмот, списокот на поканети кои потенцијално би можеле да отпатуваат во Москва на парадата, предизвика бура во врвот на Европската унија. По состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, шефицата за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, ги предупреди европските лидери да не учествуваат на воените прослави во Москва на 9 мај, туку наместо тоа да покажат солидарност со Украина. Според Калас, Европската унија им порачала и на земјите кандидати за членство дека не се очекува да присуствуваат на воената парада во Москва.
На тоа остро реагираше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, нагласувајќи дека таквите постапки претставуваат обид за „обновување на нацистичката идеологија“ во Европа. Руските власти постојано ги обвинуваат западните земји дека се обидуваат да ја препишат историјата. Претседателот Владимир Путин редовно нагласува дека Москва има должност да ја зачува вистината за Големата татковинска војна и да се спротивстави на обидите за нејзино фалсификување.
Нема никакво сомневање дека Лавров и Калас, и покрај неоспорните вистини за карактерот и исходот на Втората светска војна, сепак репрезентираат спротивставени сфаќања и гледишта во однос историското наследство.
Историската свест и значењето на сопствениот национален идентитет имаат централно место во односите меѓу европските народи. Во главниот град на Естонија, Талин, на пример, надлежните органи пред десетина години од централното градско јадро отстранија Советски монумент, кој претставуваше советски војник од Втората светска војна. Споменикот имал различно значење меѓу естонското население, зависно од сфаќањата на клучните историски настани. Неговото отстранување истиот ден предизвика улиците на Талин да бидат преплавени со протести на млади припадници на руското малцинство, кое изнесува околу една третина од населението на Естонија.
Споменикот на советскиот војник, во земја која била окупирана од страна на СССР, поттикнувал различни перспективи во погледите кон историското минато и свеста околу етничките идентитети, особено кога властите во прибалтичките земји се соочуваат со големата дилема како да се дефинира историјата и политиката за употреба на јазиците на малцинствата што им се нудат на младите во процесот на нивното образование, а каде што поимите од типот „окупатор и ослободител“ се судруваат на тврда почва. Каја Калас, чија мајка и баба биле депортирани во Сибир, е по потекло од Естонија.
Германскиот писател Ханс Магнус Енцесбергер, во пресрет на првото издание во Германија на „Мојата борба“ (Mein Kampf) од Адолф Хитлер, по седумдецениската забрана, кое беше распродадено за само една недела, рече дека не верува оти прекинот на забраната за печатење ќе смени нешто посебно, бидејќи цело време беше можно да се дојде до примероци на книгата.
Во Европа веќе и не е реткост да се заговара ревизија на историјата. Посебно во учебниците во кои се прават обиди за рехабилитација на личности што докажано биле апсолутни соработници на фашистичкиот окупатор. Во тој дел се и јасно присутните притисоци и уцени од страна на Бугарија кон Македонија и нејзините напори да го продолжи својот пат на доближување кон ЕУ. На каков начин воопшто би било можно да се менуваат и да се „усогласуваат“ македонските учебници, посебно кога е во прашање Втората светска војна, фашистичката окупација и холокаустот.
Толкувањето на критичните настани во општеството учествува во конструирањето и развојот на историската свест, зависно од идеолошките и етничките димензии. Актуелната македонско-бугарска дебата околу заедничките допирни историски точки и симболички места, се одвива токму на оваа чувствителна линија.
Ако Софија сопствените поддржувачи и симпатизери на фашизмот и на нацизмот ги смета за мала и безначајна историска епизода, која би требало историографски да се „коригира“ и заборави, тогаш Брисел очигледно има сериозни проблеми да објасни зошто, наместо почитување на демократските начела и меѓусебното почитување врз кои би требало да се темели добрососедската соработка, се дозволува и толерира рехабилитирање на соработници на фашистичкиот окупатор и внесување голема конфузија во доменот на историјата, и тоа од страна на една земја членка која се обидуваше да се претстави во светлина на поддржувач на евроинтеграциите. Доколку некој, се разбира, сè уште верува во добрите намери на Бугарите за „исправање“ на историските заблуди.
Не е лесно да им се застане на патот и да им се понуди соодветен одговор на приврзаниците на фашистичката идеологија и нацистичките симболи и идеи. Но има и инвентивни примери кои заслужуваат да бидат посочени. Како, на пример, кога пред извесно време во Шведска нацисти од редовите на Нордиското движење на отпорот маршираа низ Гетеборг, застанувајќи на еден од централните плоштади за да одржат говор и да ги скандираат своите пароли. Од една зграда во близина, како одговор на нивните извици, некој постави звучник од кој грмна силна и експлозивна музика ‒ „Бела чао“, се разбира, прочуената италијанска антифашистичка химна.
Посилна порака во ушите на прегрнувачите на кукестиот крст, се чини дека тешко би можела да се најде.
The post Фашизмот под скутот на ЕУ appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×