Со камења гаѓале преку прозорец и ја погодиле смарт таблата. Вандали демолирале училница во Битола. Инцидентот го обелодени наставник од училиштето. Од фотографиите на социјалните мрежи може да се забележи дека таблата е целосно уништена, а стакла од екранот се расфрлани насекаде.
Наставникот тврди дека една година ја молеле општината да стави решетки на прозорците за зголемена безбедност. Дополнително алармира дека ова не е единствениот проблем во училиштето, кровот бил стар, тоалетите во лоша состојба, а претходно санитарна испекција затворила две училници поради мувла и влага.
Увид за денешниот инцидент направила и полицијата, која трага по сторителите. Дали ќе се зголеми безбедносната контрола, го прашавме битолскиот градоначалник.
МОН помага во подобрување на образовната инфраструктура, но општините имаат надлежност за одржување и чување на објектите.
„Тоа што загрижува е неодговорното и насилно однесување што доведува до создавање на вакви штети. Уште на почетокот на учебната година МОН испрати насоки до сите училишта да организираат повеќе наставни и воннаставни активности за промовирање и поттикнување на одговорно и ненасилно однесување. Овој тип на активности треба да се интензивираат за да се спречат токму вакви девијантни појави и уништување на нешто што е општествено корисно и треба да го употребуваат и други, нови ученички генерации“, велат од ресорното министерство за Сител.