ДАЛИ БИ ПРОБАЛЕ ТРУТОВО МЛЕКО? Пчеларите ќе учат да произведуваат поевтина алтернатива за матичен млеч и јакнење на имунитет

Здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци почна со реализација на проектот „Паметен соларен пчеларник“ чија главна цел е да се создадат услови за профитабилно пчеларство преку производство на нови иновативни производи врз база на пчелни трутови во услови на климатски промени.
Како дел од проектот, а во рамки на пчеларство „Данев“ поставена е пилот пчеларска фарма во околината на Зрновци, на која ќе се прават теренски обуки на заинтересирани пчелари за добивање на т.н. трутово млеко.
-Станува збор за финален пчелен производ што досега е непознат на нашите простори, а во источноевропските земји и Русија во последните неколку децении се користи во секојдневната исхрана. Трутовото млеко е поевтина и подостапна замена за матичниот млеч и исто така се смета за суперхрана, односно се користи за зајакнување на имунитетот кај луѓето. Тоа е комплексна материја којашто можат да ја користат и деца и возрасни, ги има сите потребни нутриенти за организмот, како микроелементи, односно минерали, калциум, цинк, манган, цела палета на есенцијални и неесенцијални аминокиселини, липиди, стероли. Суперхрана којашто е високо нутритивна, релативно евтина и што е најинтересно, ќе можете да ја добиете кај вашиот локален пчелар, истакна пчеларскиот стручњак Благојче Најдовски кој е координатор на проектот, за МИА.
Реализацијата на проектот има три главни цели: подобрување на профитабилноста на пчеларството, зајакнување на имунитетот на луѓето со користење суперхрана од домашно потекло и зачувување на биодиверзитетот.
-За добивање трутово млеко не треба скапа технологија и опрема, односно со мала обука и знаење секој пчелар може да го произведе со пресување на трутовите ларви. Ние сакаме ова искуство да го пренесеме на околу 5.000 пчелари, колку што ги има во Македонија, да добијат знаење и производ со високододадена вредност. За разлика од матичната млеч, чие добивање е тешко и професионален пчелар може да произведе 4-5 килограми годишно, истата количина трутово млеко се добива од едно пчелно семејство. Луѓето кои го користат трутовото млеко можат да го видат подобрувањето на имунитетот за 10-15 дена, додава Најдовски.
На пчеларската фарма во Зрновци што е вклучена како пилот терен, поставена е автоматизирана опрема за следење на метеоролошките и климатските карактеристики на околината, а со апликација на мобилен телефон или компјутер податоците можат да се добиваат во реално време.
Во рамки на проектот што ќе трае до средината на декември годинава ќе се спроведат шест теоретско-практични обуки и работилници. Ќе се изработат и едукативни видеа и брошура за производство на трутови ларви, протеинска храна од трутови ларви и за нутритивно-здравствените придобивки од нивната употреба во исхраната на луѓето.
Проектот е подржан од  Европската Унија и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“.
The post ДАЛИ БИ ПРОБАЛЕ ТРУТОВО МЛЕКО? Пчеларите ќе учат да произведуваат поевтина алтернатива за матичен млеч и јакнење на имунитет appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×