БОРБАТА СО ТРГОВИЈАТА СО ДРОГА Е ПРИОРИТЕТ НА ПОЛИЦИЈАТА Таа не се води само со апсења и со заплени, порача Тошковски

Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи. Не само поради нејзините последици врз младите и општественото здравје, туку и поради фактот што овој феномен претставува клучен извор на моќ и ресурси за организираните криминални групи. Оваа борба мора да биде споделена, инклузивна и стратешки насочена.
Ова е пораката од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска се обрати на 16-та сесија на Работната група 4 од Националната конвенција за Европската Унија во Македонија, платформа, како што нагласи, која низ годините се етаблира како сериозен и кредибилен простор за дијалог, анализа и препораки во процесот на европска интеграција.
Темата на денешната сесија „Предизвиците и перспективите во националните политики за дроги и психоактивни супстанции: усогласување на македонското зкаонодавство со европските стандарди“, истакна Тошковски, е тема која го засега секој сегмент од нашето општество.
Тоа, подвлече, не е само безбедносно или правно прашање, тоа е здравствено, социјално и цивилизациско прашање, кое ја отвора дилемата меѓу репресијата и рехабилитацијата, меѓу контролата и поддршката, меѓу казната и шансата за нов почеток.
МВР како институција на првата борбена линија во спречувањето на недозволената трговија со дрога, рече министерот Тошковски, е секојдневно сведок на трансформациите и предизвиците кои ги носи овој феномен, од порастот на синтетичките супстанци и нивната достапност, до поврзаноста со организираниот криминал и транснационалните мрежи.
– Но, токму затоа е важно да истакнеме дека борбата против дрогата не се води само со апсења и заплени. Таа се води и со податоци, со научно утврдени политики, со превенција во училиштата, со програми за третман и социјална поддршка, со меѓусебна доверба меѓу институциите, и со постојана комуникација со граѓаните и заедницата – беше дециден министерот за внатрешни работи.
Пред присутните национални експерти, претставници на академската заедница и на граѓанските организации, како и словачки стручњаци за криминалистика, Тошковски потенцира дека на овој форум учесниците слушаат, разменуваат искуства, и најважно, како што рече, е да изградиме политики кои се темелат на европски стандарди, но и на реалните потреби и специфики на нашето општество.
Тој посебно ја поздрави вклученоста на академската заедница, граѓанските организации и меѓународните партнери, без кои, нагласи, ниту една стратегија не може да биде ниту одржлива, ниту ефикасна.
– Како министер за внатрешни работи, останувам посветен на визијата за модерна, одговорна и партнерски ориентирана полиција, која знае дека вистинската безбедност не се гради само со сила, туку со разбирање и системски пристап – рече министерот Тошковски и изрази надеж дека од оваа сесија ќе произлезат конкретни, применливи и стратешки насочени препораки кои ќе помогнат во нашата заедничка мисија – безбедно, здраво и инклузивно општество, достојно за европската иднина што ја градиме.
Инаку, домаќин на денешната сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Европското движење, е Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија. Дијалогот се фокусира на клучните предизвици и можности во процесот на усогласување на македонското законодавство со европските стандарди во областа на политиките за дрога и психоактивни супстанци. Дебатата, исто така, се очекува да ги отвори и прашањата околу механизмите за мониторинг и справување со криминалните активности поврзани со дрогата, како дел од пошироките напори за борба против организираниот криминал, кој е длабоко инфилтриран во оваа област и има значајни општествени последици.
На форумот се очекува да бидат усвоени и повеќе работни препораки меѓу кои: зајакнување на институционалната подготвеност и улогата на Националната комисија за дроги при промени во правниот статус на канабисот, зајакнат надзор врз маркетингот и извозот на канабис произведен од лиценцирани компании, подготовка на инсистуциите за спроведување на законот за справување со организираниот криминал во контекст на зголемено производство на медицински канабис, како и развој на целна стратегија за спречување на трговија со хероин во замена за канабис.
Во препораките се бара и зајакнување на институционалниот одговор на зголемена закана од недозволено производство и трговија со синтетички дроги, зајакнување на регионалната и меѓународна соработка за справување со организираниот криминал со дрога, во согласност со ЕУ практики и безбедносни политики, како и воспоставување системска евалуација како основа за ефективна политика за дроги и третирање на употребата на дрога и зависнота како здравствен проблем во рамки на политиката за дроги.
The post БОРБАТА СО ТРГОВИЈАТА СО ДРОГА Е ПРИОРИТЕТ НА ПОЛИЦИЈАТА Таа не се води само со апсења и со заплени, порача Тошковски appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×