Пченицата од новата реколта ќе се откупува по 12 денари за килограм, соопшти министерот Трипуновски. Според него, оваа цена е повисока од ланската и треба да биде стимул за земјоделците. По серија состаноци со мелничарите и земјоделски здруженија, постигнат е договор целата пченица од прва и втора класа да се откупува како прва.
„Мелничарите ќе ја откупуваат пченицата од прва и втора категорија во прва категорија, затоа што квалитетот е одличен. Откупната цена за пченицата ќе биде 12 денари, плус дополнителните трошоци коишто следуваат. Очекувам дека жетвата во наредниот период ќе заврши во најдобар тек, ќе задржат и временските услови, и едноставно ќе имаме зголемен род на пченица од претходните години. Тенденцијата на министерството е да го стигнеме нивото на производство кое ќе ги задоволи домашните потреби како држава“ – Цветан Трипуновски, министер за земјоделие
Квалитетот на лебното жито годинава е најдобар во последните години, велат од мелничко-пекарската индустрија.
„Направивме неколку анализирања на почетокот на жетвата на пченицата со што се утврди дека квалитетот е соодветен. Би рекол најдобар во изминатите години. Тие класи што ги имаме се доближуваат и се добива во моментов една класа според квалитет, каде што цената ќе достигнува 12 денари нето, плус дополнителни трошоци, плус ДДВ“ – Горан Малишиќ, мелничко-пекарска индустрија
Инаку мерката со која државата ја покрива давачката за складирање на пченицата во откупните центри останува активна. Периодот за пријавување трае до 15 септември, а пченицата може да се чува од два до девет месеци.