Процентот на реализација на реформите од Планот за раст ќе биде понизок во јуни отколку тој во декември. Но Европските средства не се под закана, уверува министерот за европски прашања Муртезани кој одржа отчет за сработеното во една година од формирањето на Владата.
Вели дека процентот на исполнетост на реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан во јуни ќе биде малку понизок од оној во декември. Рече дека министрите се тие кои до детаљ знаат што е, а што не е завршено, но и дека до крајот на денот институциите можеби ќе успеат да завршат дел од својата домашна работа која не е нужно поврзана со носење на нови Закони.
-Во јуни 2026 ќе бидат под ризик бидејќи тогаш ќе ги изгубиме средствата. Дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање. Откако ќе помине и формално Извештајот и ќе имаме појасна слика, ние со премиерот на тематски седници редовно го следиме степенот на имплементација. Ќе видиме кои се причините, ако е нешто кадешто Владата може да интервернира, да се забрза, секако дека тоа ќе го направиме. Прво да видиме што ќе се постигне. За тоа што нема да се постигне, кои се причините и после секако доколку дојде до губење на средствата ќе видиме што може да се направи.
Во однос на критиките во последниот Извештај на Европската Комисија дека Министерството нема капацитет да се носи со процесот Муртезани вели дека тој заклучок се провелкува со години наназад и е резултат на одливот на кадар. Затоа најави нови вработувања во Министерството за европски прашања, но и напредување на, како што вели, „сите професионални кадри коишто десетина години се на истите позиции“.
Говорејќи за бугарското вето, министерот за европски прашања вели дека владата се обидува да спречи билатеризација на прашањата поврзани со Бугарија. Според него, не смее да се дозволи унилатерален став на Софија да стане став и на Европската Унија.
-Ние сметаме дека за сите тие документи, коишто дел се од преговарачката рамка, дел не се, со тргање на диоптријата на билатеризација може да се најде начин да се движиме напред. Меѓутоа, ако се инсистира на сите тие документи да се гледа исклучиво од билатерална диоптрија, тогаш мислам дека ќе останеме блокирани и натаму, вече Муртезани.
Прашан за пораките од бугарскиот премиер Жељасков, дека Софија освен уставните измени нема да бара други услови од Македонија – Муртезани вели дека Софија и Брисел упатуваат различни пораки. За Владата спорен е вториот протокол на кој инсистира Бугарија бидејќи според Муртезани, во него има ризик за билатеризација и блокада на европскиот пат на Македонија.