Судот одлучи – ниту 2 милиони евра нема да го спасат Јахоски од притвор. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, го одби предлогот на Јахоски како неоснован и покрај позитивното мислење на јавните обвинители, дека сопственикот на Пуцко Петрол и синот на пратеникот на ДУИ не може да влијае на истрагата за која е осомничен за перење пари при набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.
„Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на Јавниот обвинител, смета дека во овој момент сеуште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор од точка 2 од чл. 165 ст.1 од ЗКП односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази“, велат од Кривичниот суд .
Странките може да поднесат жалба на ваквата одлука во рок од 3 ден,а откако ќе го добијат решението на нивната адреса.
Јаховски заврши во Шутка на 14.март, заедно со директорот на РКМ Ратко Капушевски. Двајцата се осомничени оштетување на државниот буџет за 167 милиони евра при набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.
Меѓу осомничените во овој случај е и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот.