Анализа со Васко Ефтов: Во Македонија власта ги казнува само лојалните граѓани!
Македонија води негативна селекција, а држава која е изградена врз негативна селекција на кадрите не може да направи ништо позитивно. Таа негативна селекција развива чуство на илузија дека периферните слоеви на општеството се главни, а таа структура која во секоја држава треба да биде столбот се турка на маргините.
Држава која е формирана врз темелите на транзицијата не може да функционира поинаку освен килаво. Со килави вредносни системи. Тие што беа криминалци, што шверцуваа нафта во Србија, што ги носеа фирмите во стечај за да ги купат за едно евро, сега одлучуваат која партија ќе дојде на власт.
Нивните деца се сега градоначалници или министри, а децата на лојалните граѓани кои остана без работа и без здравје во транзицијата сега мора со бугарски пасоши да работат на крузери во странство.
Се заборави на тие луѓе, како што се заборави на бранителите. Тие што пукаа во државата се сега главни. Тие што ја крадеа државата се сега главни. Тие што го сменија со правење или неправење името се сега главни. Со нив само Македонија ќе биде и ќе остане споредна.
Слично ќе се случи и со пандемијата со корона вирусот. Тие што ги почитуваа мерките ќе бидат повторно пуштени низ вода, но затоа главни ќе бидат тие што веруваат во чипирање, во 5Г, дека од вакцините светот ќе се намали од осум на една милијарда жители. На тој начин Македонија влегува во еден маѓепсан круг каде лажните вести ќе го креираат јавното мислење.
На една страна ќе бидат медиокритетите кои се 30 години на власт, а на другата страна ќе бидат лажните вести. Во средината ќе биде Македонија. Медиокритетите ќе ги поддржува Калето, лажните вести Москва. И тука не може да се очекува ништо добро за државата.