Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Предлог законот за сајбер безбедност до крајот на месецов да ја помине владината процедура и на почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура.
Тој очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници.
-Имајќи во вид колку сајбер нападите сега се насочуваат кон критичната инфраструктура и колку на удар може да бидат системите за производство и снабдување со електрична енергија од исклучително значење е ваквиот самит на кој ќе се дискутираат политиките на дигитализација во смисла на енергетиката – изјави Андоновски пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.
Тој нагласи дека македонските енергетски капацитети се безбедни.
-Граѓаните треба да бидат спокојни. Електропреносниот систем е безбеден. Поради некои случки од пред година до година и половина во соработка со нашите стратешки партери се направени некои сериозни напори за обезбедување на мрежата и во моментов може да кажам дека станува збор за безбеден систем што не значи дека тоа е дадено еднаш за секогаш. Ќе треба дополнително да се работи на нивна заштита. Мислам дека со Законот за сајбер безбедност ќе обезбедиме патоказ како да се заштитуваат институциите и електропреносниот систем – посочи Андоновски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потсети дека лани во МЕПСО имаше сајбер напад кој траеше многу месеци.
-Тоа е критична инфраструктура за целата држава и мора да дадеме голем акцент, односно да се заштитени далноводите и целото наше производство и комуникација со хидро и термо централите. Тоа е од национално значење како и секаде во светот. Работиме на тоа во соработка со министерот за дигитална трансформација и со законот ќе има и новитети – потенцира Божиновска.
Процесот на заштита на енергетските објекти, како што рече, ќе го води Министерството за дигитална трансформација, а Министерството за енергетика ќе биде вклучено во тоа.
-За нас е најважно да бидеме безбедни бидејќи тоа е од национално значење. Не сме разговарале кој ќе врши сајбер безбедност – приватна компанија или тоа ќе се прави со државни ресурси, но ќе разговараме понатаму и ќе го избереме она што ќе биде најдобро за граѓаните – рече Божиновска.
The post ЗАКОНОТ ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДОСТ ВО ЈУНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ Андоновски очекува поддршка од сите пратеници appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
ЗАКОНОТ ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДОСТ ВО ЈУНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ Андоновски очекува поддршка од сите пратеници
