tvstanici.net

Трајко Славески кандидат за гувернер на Народната банка

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го предложи проф. д-р Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, потврдија вечерва од Кабинетот на претседателот.

Славески, кој е актуелен претседавач на Советот на град Скопје, е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии.

Претседателката својот предлог веќе го достави до Собранието, кое новиот гувернер на Народната банка треба да го избере на пленарна седница со просто мнозинство.

– При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати, велат од Кабинетот на претседателот.

Од Собраниската прес-служба потврдуваат дека предлогот е доставен до пријавницата во Собранието.

Exit mobile version