tvstanici.net

СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ Од УЈП тврдат дека е решен проблемот со кодовите за плати

Уште најмногу 5.000 фирми денеска треба да ја завршат постапката за поднесување пресметки за мартовската плата, соопшти денеска Управата за јавни приходи.
Според нејзините податоци, до 8 април вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за март. Од нив, 30.090 даночни обврзници веќе ги платиле МПИН пресметките за исплата на мартовската плата.
Со ова ќе завршат и проблемите на сметководителите кои се жалеа дека не успеале да ги добијат навреме идентификациските кодови и морале да чекаат по неколку часови на шалтерите за да можат фирмите да ги исплатат навреме платите.
– Процесот за нас е обемен бидејќи не даваме сметководствени услуги само на една фирма. За секоја фирма треба да се логираме одделно и тоа одзема време. Ако се направи грешка, постапката се повторува и непотребно се губи време. Дополнително од страна на УЈП кодовите не се даваат веднаш и целата постапка за поднесување пресметка за плата доцни. Ние сме под голем притисок на фирмите кои сакаат да се исплати платата навреме – вели сопственичка на сметководствено биро.
Од Институтот за сметководители (ИСОС) веруваат дека проблемот веќе е надминат и преостанатиот број фирми кои не поднеле пресметки за плата денеска ќе ја завршат постапката и ќе ги добијат кодовите кои ќе важат во следните 5 години.
– УЈП правеше надградба на системот и требаше секоја фирма да добие нов идентификациски код. Дел од фирмите тоа го направија навреме, а дел не успеаја. Од друга страна со издавањето на кодовите се доцнеше по 3 до 4 дена и се создаде паника кај сметководителите дека нема навреме да стигнат да ја изработат платата и таа да биде исплатена. Побаравме УЈП да даде и видео појаснување на постапката и да го забрза процесот, бидејќи дел од сметководителите не се снаоѓаа со ПДФ упатството, како и да се издаваат кодови за најмногу 48 часа, што беше направено. Верувам дека процесот добро ќе се заврши бидејќи останаа мал број фирми кои немаат кодови –  вели претседателката на ИСОС Весна Прентоска.
Проблемот што настанаа со замената на кодовите Прентовска го гледа во тоа што, како што вели, сите сметководители не можат да бидат ИТ експерти и веднаш да разберат како да ја завршат постапката, но и во фактот што капацитетите на УЈП се ограничени и во кус рок не можат да се дадат кодовите.
– Реално е дека не може да се издаде код веднаш бидејќи имаше наплив на барања кои треба да се обработат. Капацитетот на Управата е тој и треба тоа да го почитуваме, но и дел од сметководителите не се снајдоа добро. Едно поради тоа што правеа грешки поради обемната работа и не се снајдоа во пишаните упатства на УЈП, но и поради тоа што промената на кодовите се совпадна со поднесувањето завршни сметки – вели Прентоска.
Управата за јавни приходи соопшти дека во овој период е во постојана и активна комуникација со даночните обврзници и сметководителите со цел да обезбеди навремено и успешно постапување по сите барања за реиздавање кодови за идентификација потребни при поднесувањето на МПИН пресметките.
– Имајќи ја предвид обемноста на процесот, Управата за јавни приходи формираше тимови кои посветено работат за да го олеснат целокупниот процес. Особен акцент е ставен на даночните обврзници кои немаа поднесено МПИН пресметки. Кон овие даночни обврзници Управата за јавни приходи испрати и персонализирани пораки и оствари телефонски контакти со цел тие да добијат дополнителна поддршка и навремено да ги исполнат своите обврски – се наведува во соопштението од УЈП.
Оттаму потсетуваат дека даночните обврзници треба да ги проверат своите профили на системот „е-Даночни услуги“ и да ги преземат кодовите кои веќе се изработени и се поставени на профилите. Апелираат даночните обврзници кои сè уште немаат поднесено барање за издавање код за идентификација тоа да го направат преку „е-Даночни услуги“.
„Како професионална институција која ги следи потребите на даночните обврзници, Управата за јавни приходи изготви видео- корисничко упатство (види линк https://youtu.be/dgra2ULgvgI). Упатството е визуелен водич кој ги објаснува сите чекори потребни за навремено подигнување и инсталирање на кодот за идентификација со кој ќе може да се поднесат пресметките за плата за месец март“, се додава во соопштението.
За забрзување на постапката УЈП назначи и контакт лица кои им помагаат на даночните обврзници за инсталирање на кодовите.
The post СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ Од УЈП тврдат дека е решен проблемот со кодовите за плати appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Exit mobile version