Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска беше промовиран четиритомниот проект „Пролегомена за македонската фотографија“ од Златко Теодосиевски, историчар на уметност, критичар и публицист.
– Четирите книги практично се енциклопедија на македонската фотографија. Четири книги за четири различни периоди. Потеклото и врската на фотографијата со другите медиуми, а посебно со ликовната уметност – рече авторот Златко Теодосиевски.
Ова е прв ваков посеопфатен обид кај нас. Проектот го наметнува и клучното прашање: ја стекна ли фотографијата довербата на македонската историја на уметноста, на стручните кругови, на уметничките институции.
– Теодосиевски е еден од исклучителните работници кои јавниот интерес во културата го става пред сè – рекоа промоторите.
– Уметноста умее да се спротивстави на социо-економските услови, но што понатаму ќе се случува со делото зависи од нив. Фотографијата во Македонија се појавува во 1855 година, дваесеттина години по нејзината појава. Тоа значи дека Македонија не доцнела многу зад развиените земји. За разлика од денес, за жал, кога Македонија доцни многу. Ова е обид да се разбие и заблудата околу македонската фотографија и одбивноста на некои културни институции фотографијата да ја дефинираат како уметност. Ако малку сум успеал да се разбие таа заблуда, јас ќе бидам среќен – рече Теодосиевски.
Книгата ќе може да се купи од утре во книжарата „Чудна шума“.
Четиритомното издание „Пролегомена за македонската фотографија“ е прв ваков проект кај нас посветен на историскиот развој на македонската фотографија во периодот 1855-2020 година.
Првата книга „Извори и согледби“ (2021) критички ги согледува досегашните извори и интерпретации на фотографијата како медиум кај нас, па следствено и на македонската фотографија, како и некои теориски прашања сврзани со природата на медиумот, дали фотографијата може да се третира (и) како уметност.
Втората книга „Фотографијата во Македонија 1855-1945“ го проследува историскиот развој и естетските димензии на фотографијата во наведениот период низ творештвото на браќата Манаки, Ошавков, Димкаровски, Бељан, Јолевски и други, потоа творештвото на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Ѓорѓи Попов, Лазо Величковски итн.
Третата книга „Фотографијата во Македонија 1945-1990“ поопстојно се занимава со современата македонска фотографија во наведениот период, вклучувајќи ја анализата на творештвото на бројни автори, меѓу кои и доајените Живко Јаневски, Душко Јовановски, Александар Кондев, Александар Цветиновски, Мирза Ченгиќ, Васил Боглев, Роберт Јаки и други.
Четвртата книга „Фотографијата во Македонија 1990-2020“ го обработува развојот на македонската фотографија по осамостојувањето и појавата на новите генерации македонски фотографи, меѓу кои и творештвото на Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Раде Луковиќ, Кирил Штрков, Душан Доцевски, Зоран Здравев…, како и релативно помладите генерации автори како Јана Луловска, Сашо Алушевски, Осман Демири, Весна Каревска Пукиќ и други.
Проектот е финансиран од Министерството за култура како проект од национален интерес.
Прочитајте ја целата статија од изворот