tvstanici.net

Николоски: Договорот со Велика Британија целосно ќе не трансформира како држава

Договорот за стратешка соработка со Велика Британија ќе значи многу и за политиката и за економијата и целосно ќе не трансформира како држава и ќе не однесе на друго ниво. Се состои од два договори од кои првиот е за стратешко партнерство кој ги одредува политичките контури на соработката, а вториот е договор Влада со Влада кој ги утврдува полињата на економска соработка, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во интервју за ТВ Сител посочи дека Велика Британија ваков договор нема со никој друг во цела Југоисточна и Источна Европа и најави дека следната недела во Лондон ќе се потпише договорот Влада со Влада, а потоа договорот за стратешко партнерство. Истакна дека во договорите никаде нема одредба за отворање кампови за престој на азиланти во земјава и прецизира дека со Велика Британија ќе имаме ист договор како со Фронтекс.

– Едниот договор е за стратешко партнерство кој ги уредува контурите за политичката соработка и во него има глобална соработка, соработка во делот на одбраната и безбедноста, соработка во делот на миграциите, во делот на реформите во правосудството борбата против организиран криминал и корупција, економска соработка и развој, млади, култура и образование, добро владеење и правосудство. Вториот е уникатен и е најголем договор што Велика Британија во финансиска смисла го постигнала со било која земја од Европа. Тоа е договор Влада со Влада кој точно ги утврдува секторите на соработка – инфраструктура, здравство, транспорт, технологијата, енергијата и става на располагање лимит од пет милијарди фунти за Македонија или шест милијарди евра, појасни Николоски и додаде дека со договорите ќе се разменуваат и знаења и најдобри практики.

Овие два договори, нагласи, треба целосно да ја трансформираат Македонија како општество и како држава. Договор веќе имаме за секторите транспорт и здравство. Рамката од пет милијарди фунти е на неограничен период и не значи дека сите ќе ги искористиме, туку ќе биде соодветна на потребите кои ги имаме во моментов.

– Во моментов имаме спремни проекти за околу две милијарди фунти или 2,2 до 2,3 милијарди евра. Првиот проект е за брзата железница од Табановце до Гевгелија. Ќе се користи постојната рута, но ќе биде изградена целосно нова линија со два колосеци по едниот да транзитираат патничките возови со брзина над 160 километри, а вториот ќе биде карго колосек на кој ќе се движат само карго возови со брзина од 110 до 120 километри на час, истакна Николоски и посочи дека ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарди евра.

Во делот на здравството, како што кажа, веќе има согласност и за изградба на Клиничката болница во Штип, изградба на нов Медицински факултет и студентски дом со најмалку 200 легла за медицинскиот факултет. Четвртиот проект е целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, а петтиот изградба на нова болница во Кичево.

– Ова се пет пилот проекти кои доколку се реализираат во втората фаза ќе размислуваме и за други реони – Охрид, Битола, Прилеп. Наша амбиција е и модерен клинички центар во Скопје. Отворени се можности и за други сектори. Ова се инвестиции кои се враќаат три до четири пати и го креваат БДП. Растот на БДП ќе значи пад на јавниот долг што дополнително ќе го подигне кредитниот рејтинг на Македонија, истакна Николоски.

За каматната стапка, како што кажа, се  уште се преговара, но посочи дека ќе добиеме најдобра каматна стапка што некогаш сме ја добиле за големи проекти и ќе биде подобра од било каде во регионот. Покрај тоа ќе добиеме на располагање средства кои ни една друга банкарска или финансиска институција не може да ги обезбеди за нас, а условите и рочноста на враќање ќе бидат најдобри што регионот воопшто ги видел. Велика Британија, додаде, ни стои на располагање и со грантови за техничка поддршка. Очекува првите средства да пристигнат до крајот на летото и на почетокот на октомври да почнат работите на терен.

Exit mobile version