Од 5 мај (понеделник), Општина Аеродром започнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија, која ќе трае до крајот на јуни. Оваа иницијатива се реализира во соработка со Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром, а претставува продолжение на есенската акција спроведена минатата година.
Како дел од акцијата, на повеќе локации ќе бидат поставени специјални садови каде граѓаните ќе можат да го остават својот стар и дотраен мебел, со цел правилно отстранување и зачувување на животната средина.
„Преку оваа акција сакаме да излеземе во пресрет на сите жители на Аеродром, со што им овозможуваме на еден едноставен и организиран начин да се ослободат од кабастиот отпад од домовите. Истовремено, придонесуваме за почиста околина и спречување на создавање диви депонии“, велат од Општина Аеродром.
Акцијата ќе започне во населбата Мичурин, каде на 5 и 6 мај садовите ќе бидат поставени на улицата Анастас Митрев зад паркот до трансформаторот и на улицата Венјамин Мачуковски до трансформаторот кај Железничката станица.
Потоа, на 7 и 8 мај жителите на Острово ќе можат да го остават отпадот на улица Владимир Комаров бр. 9 до контејнерите, како и на број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Општината ги повикува сите граѓани редовно да ја следат интернет страницата aerodrom.gov.mk, каде е објавен целосниот распоред со точни датуми и локации за собирање на отпадот.
Во минатогодишната акција, реализирана во август и септември, од 41 локација беа собрани дури 70 тони отпад, што е показател за високата потреба и интерес на граѓаните за вакви организирани акции.
Фото: Општина Аеродром
The post ГОЛЕМА ПРОЛЕТНА АКЦИЈА ВО АЕРОДРОМ Граѓаните ќе можат бесплатно да се ослободат од стариот мебел appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
ГОЛЕМА ПРОЛЕТНА АКЦИЈА ВО АЕРОДРОМ Граѓаните ќе можат бесплатно да се ослободат од стариот мебел
