tvstanici.net

ДОЦНА СФАТИЛ ДЕКА ПАЛЧО ИМАЛ ДВОЕН ПЛАН Манев откри дека лицето Зоран Давитков добило задача од Палчо да се ослободи од синиот ранец

Испаднав голема наивна будала, си го зацрнив животот и доцна сфатив дека Љупчо Палевски шест години ме манипулирал и ме спремал како жртвен вол, рече денеска во судот второобвинетиот Велибор Манев за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.
Манев искажа каење за трагедијата, чувство на огромен срам и душевна болка.
Тој денеска го откри идентитетот на лицето кое добило задача од Палевски да го земе и да го уништи или скрие синиот ранец со моторолите и со пиштолот за да не може да се најде.
Обвинетиот Манев рече дека од самиот почеток на судењето одлучил да ја зборува вистината, без разлика колкава кaзна би добил.
– Од сите презентирани докази, не негирав, туку и на нејасни снимки потврдував и признавав присуство. Не порекнував ништо што сторив, направив и дообјаснував работи со цел судот да добие јасна слика од настаните што се случија. Се надевам дека судот ќе ја цени мојата искреност, за разлика од Јавното обвинителство, кое упорно работи на тоа да нѐ прикаже како планери на убиство. Јасно кажав дека немав поим, а уште помалку сознанија дека Палевски планира да убива. Нејасно ми е, зар би копал дупка од 3 метри, би ја покривал и би ја маскирал, би ставал ли таваница и капак како влезна врата ако знам дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб. По инструкции на Палевски, сѐ што разговаравме беше за грабнување и изнуда на пари и не се споменуваше убиство – рече Манев.
Тој повтори дека грабнатото лице требало да биде жена на 40 години, ќерка на фармацевт од кого Палевски лесно ќе зел пари.
– Јавното обвинителство упорно турка факт дека сме биле во контакт со Сашо и дека сме знаеле за моментот на излегување на Вања. Немаат доказ дека таткото контактирал со Палевски. Јас лично не го познавам, а и тој самиот кажа дека не ме познава. Како дадов изјава дека се слушале, веќе ви кажав, со ќотек. Се прашувам каков интерес би имал да го бранам Сашо со мојот исказ, а за него прв пат слушнав во полициска станица. Некој овде лаже. И покрај многуте добрини направени од моја страна кон Палевски, јас сум манипулиран и уценет со животот на мојата фамилија и кон мене лично. И не само јас, туку и останатите двајца се изманипулирани. После првото убиство што го изврши кај месноста Рудник во подготвената земуница, каде требаше да биде чувана и втората грабната личност, а потоа да биде пуштена, го прашавме каде ќе ја ставиме втората личност, дека ова не бил планот како што ни кажувал и ни обаснувал. Кратко ни одговори дека ќе импровизира. Не проговорив ништо затоа што веќе претходно ме уцени и ми се закани. Нѐ  однесе ноќно време во месноста Дупки, објаснувајќи дека местото е пусто, покажувајќи ни ги напуштените лозја со куќарки во нив. Сѐ до моментот кога и втор пат уби и извади нови алати од пикапот, кои претходно ги купил и нѐ натера да копаме дупка во смрзнатата земја. Бев згрозен од уцената, нѐ тераше да го слушаме. Откако ги изврши убиствата, ми стана јасно, но многу доцна сфатив дека имал двоен план, па затоа ги зачував снимките од мојот ресивер. Можев да ги избришам снимките и можев да ги исклучам камерите. Но, со тоа ќе му дадев алиби на Палевски, а според неговото кажување, виновници за убиството ќе бевме јас и Боре. Но, ние не направивме убиство, а јас лично немав ни мисла ни намера за убиство – рече Манев.
Поради тоа што бил наречен лажго од страна на Палчо, Манев се осврна и на синиот ранец на Палевски, за кој остана мистерија што се случило со него.
– Ова е последната коцка од сложувалката. Дека ранецот е кај Зоран Давитков, член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери – рече Манев откривајќи го идентитетот на овој лик.
Обвинетиот Манев рече дека е згрозен од сето ова што се случува и од човек кому му ја дал душата на тацна.
– Потрошив 6 години од мојот живот, запоставувајќи ја мојата фамилија и работата. Шест години ме манипулирал и ме спремал како жртвен вол. За на крај, да ме напика во затвор, за нешто што ни на сон не можам да го замислам. Не можам да порекнам, изманипулиран и заслепен од успесите што почнаа да се редат, слепо поверував во неговиот смислен план за грабнување и изнуда на пари. Како што кажав, нѐ убеди дека ќе биде жена, нѐ внесе во темна просторија за да не може да го видиме доволно добро лицето, дека за 3 дена парите ќе му ги избројат, дека сѐ е сигурно, дека одбрал сигурни патишта, непокриени со камери и дека таа личност ќе биде пуштена. Во ниеден момент не се посомневав дека има план да убива. Да знаев дека ќе има пиштол, никогаш, ама баш никогаш немаше да ме видите овде на обвинителна клупа. Седам овде обвиен со чувство на огромен срам, кој ќе ме јаде додека сум жив. Каењето што го носам во себе не можам да го опишам, немам доволно зборови. Траумата од сликите што ми навираат во главата, слики на две ладнокрвни убиства ми создаваат тешка душевна болка која ќе ме боли додека сум жив. Со целото ова чувство на срам, каење, душевна болка, ми се придодава и болката на неверување дека сѐ ова ми се случува од човек кому толку многу му помогнав – рече Манев денеска во судницата во неговите завршни зборови.
Тој додаде дека бил предупредуван најмалку од три-четири лица, дека не го познава Палевски, да се чува, дека може и во затвор да заврши, но дека не им верувал.
– За гол нож се фаќав за негова одбрана и велев дали се нормални. Како може човек што сум го вадел од затвор, што сум трчал до Задар за да му најдам адвокат да го застапува, на човек кому толку му помагав, да ме измами на кој било начин. Им велев, тоа не е можно и не е сфатливо. И што да кажам. Испаднав голема наивна будала, која си го зацрни животот и изгуби многу пријатели, не само во Македонија. Останува да си ја слушнам изречената казна, оптоварен со срамот, каењето, душевната болка и да размислувам за моите милион неодговорени прашања. Простете ми што излегов ваква будала – рече Манев со растревожен глас и со солзи во очите.
Со наведната глава тој го изрече последниот збор на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
The post ДОЦНА СФАТИЛ ДЕКА ПАЛЧО ИМАЛ ДВОЕН ПЛАН Манев откри дека лицето Зоран Давитков добило задача од Палчо да се ослободи од синиот ранец appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Exit mobile version