Обвинителството ги разгледува сите можности во случајот со загинувањето на 22-годишната Фросина Ќулакова на булеварот Партизански одреди, вклучувајќи ја и можноста дека возачот Васил Јованов го извршил делото со умисла.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во гостување во емисијата „DailyClick“ на ТВ21, изјави дека истрагата ќе утврди дали Јованов свесно ја загрозил безбедноста, со оглед дека во моментот на несреќата бил без возачка дозвола, возел со значително поголема брзина од дозволената и поминал на црвено светло.
– Јавниот обвинител ќе испита дали може да се работи евентуално и за умисла, со оглед дека истиот доколку бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола, возел со многу, многу поголема брзина од дозволената и поминал на црвено светло. Ќе видиме во текот на постапката дали има место за тоа дали кривичното дело го сторил со умисла – изјави Коцевски.
Тој додаде дека најголемиот број сообраќајни кривични дела се извршуваат од небрежност, но овој случај бара темелна анализа за да се утврди одговорноста на возачот.
Обвинителството гарантира транспарентност во постапката и професионален пристап во истрагата. Коцевски изрази сочувство до семејството на починатата девојка, нагласувајќи дека загубата на млад живот не може да биде надоместена со никаква казна.
– Јавното обвинителство ќе постапи согласно законските одредби, ќе биде транспарентно во оваа постапка, ќе знаат граѓаните како ќе се одвива и во која насока ќе одат доказите – нагласи тој.
Тој, исто така, призна дека граѓаните имаат право кога ја обвинуваат државата за ваквите трагедии.
– Дел сте во право затоа што и дел од законските одредби се такви што само ЈО, па и судот може да применат закон таков како што постои. Со измените на Кривичниот законик се воведе и ново кривично дело – безобзирно возење, меѓутоа не се избриша одредбата од прекршочната постапка, каде што исто така дел од дејствијата што се во тоа кривично дело опфатени, се и во законот за прекршоци – објасни Коцевски.
Тој посочи дека поради ваквите законски недоследности, дел од случаите завршуваат како прекршоци наместо како кривични дела, што ја отежнува борбата со несовесните возачи.
Прочитајте ја целата статија од изворот
ДАЛИ УБИСТВОТО НА ФРОСИНА Е СО УМИСЛА ИЛИ ОД НЕБРЕЖНОСТ? Коцевски најави детална истрага за несреќата на Партизанска
