Последната предлог-верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минерални суровини во Македонија (2025–2045), изработена од најплатената високообразовна институција – МАНУ, во делот што се однесува на металичните суровини, со право можам да ја наречам „бандитска“.
Затоа се обраќам до сите политички лидери, и парламентарни и вонпарламентарни, да испратат јасна и несебична порака до почитуваната министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска: ОВАА СТРАТЕГИЈА ТРЕБА ДА БИДЕ ОДБИЕНА. Таа нема допирна точка со реалноста кога станува збор за металичните суровини во Македонија.
Сега е појасна намерата на одредени правни и физички лица – да ја држат Македонија како заложник, да ја спречат да напредува финансиски, идеолошки, образовно и културно. Нивните идеи потекнуваат од длабоко девијантна логика – садизам кај оние што ги нарачуваат, и мазохизам кај оние што ги спроведуваат. Во стилот на претседателот Киро Глигоров: „Многумина сакаат да ја приграбат и уништат Македонија. Е, НЕ МОЖЕ!“
Во неколку мои колумни имам укажано дека потенцијалот на рударството во Македонија за металични суровини изнесува над 20 милијарди евра, а со новата стратегија на Европската унија за критични метали и нивниот недостиг на пазарот – тој потенцијал може да достигне над 100 милијарди евра. Македонија буквално лежи на богатство.
Но, имаме проблем со чудни „еколошки“ сили кои сè потешко ја кријат својата сервилност. Бев навредуван со најпримитивни зборови, само затоа што се залагам за индустријализација која ќе донесе економски препород.
Ќе потсетам и на „екологистите“: Еден (сега покоен) славеше што го „затворил“ рудникот Казандол, а не кажа колку пари добил за продажбата на телевизијата и зделките со нивите за калинки и јапонски јаболка. Друг не ја давал Иловица, ама се вработил во Комунална хигиена. Една госпоѓа со солзи „ја бранеше дедовината“ на јавна дебата, а не кажа дека нејзиниот татко бил преведувач на директорот на компанијата што сака да инвестира во Иловица-Штука – и дека лично поднела барање за работа во рудникот. За наводното патување во Дубаи со пари од иселеници – ќе се воздржам, бидејќи сè уште е на ниво на шпекулација.
Сè почнува со Казандол – рудникот кој требаше да биде првата странска инвестиција, но за кој се зедоа „дебели“ хонорари и се вршеа обиди за рекет. Истата компанија која сакаше да го гради „Казандол“ планираше инвестиција и во рудник кај Старо Нагоричане, чиј пак потенцијал за рудно богатство е двојно поголем од Иловица-Штука. Инаку, за потсетување рудникот за бакар „Иловица – Штука“ доколку се отвори ќе придонесе со намалување на трговскиот дефицит за 450 милиони евра годишно и вработување на 3.500 лица, директно и индиректно. Општините Босилово и Ново Село ќе добијат заедно вкупно 11 милиони евра годишно и ќе бидат примери за спречување на иселувањето.
АМА, ДЛАБОКАТА „БАНДИТСКА“ ДРЖАВА…
МАНУ во својата стратегија под раководство на академик Блажо Боев, без грам срам или етичка одговорност, наведува дека во Македонија постојат соодветни резерви на бакар, злато, сребро, железо, олово и цинк – но не кажува каде, во какви количини, која е нивната економска исплатливост, ниту нивната моментална или идна пазарна вредност. Во стратегијата дури е објавена и мапа со локации – кои може да се видат само под микроскоп.
Примери од стратегијата:
1. 76.157.511 тони злато и бакар – каде? Не се знае. Колку од тоа е злато, а колку бакар? Не се знае.
2. 64.291.341 тони бакар – каде? Не се знае.
3. 23.911.161 тони злато, сребро и бакар – каде? Не се знае.
4. 18.914.768 тони олово и цинк – каде? Не се знае.
5. 4.368.245 тони железна руда – каде? Не се знае.
И на крај: 252.522 тони мешани руди – пак: не се знае каде и каква е економската вредност.
Да беше Македонија вистинска држава, а не заложник на „екологистички“ фанатизам, ќе се отвореше правна постапка со следниве прашања:
– Дали се краде злато од Македонија?
– Зошто т.н. „екологистичка партија“ го уцени Зоран Заев при уставните промени и дозволи старите рудници да користат цијанид – без да пријават присуство на злато?
– Зошто академик Боев во стратегијата го прикажува рудникот Бучим само како рудник за бакар, а во јавни настапи го минимизира значењето на Алшар?
На крај, ќе им порачам на академиците од МАНУ, во стилот на мојата мајка: „Пу, јазик да ви е!“
The post „Бандитска“ стратегија за рударство appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
„Бандитска“ стратегија за рударство
