tvstanici.net

Апел до наставниците и до професорите

Се сеќавате ли како порано со полна уста се фалевме дека наш ученик од шесто одделение знае повеќе од ученик од „осмо” од некоја европска држава или од САД. Е, тие времиња се зад нас. За жал! Нашите деца сега заостануваат во стекнатите знаења и вештини во однос на „европските”. Тоа, меѓу другото, го покажуваат и последните резултати од ПИСА тестирањата, каде што македонските ученици се некаде на дното на листата по остварени резултати.
Состојбата е алармантна! Како да се смени тоа? Каде е грешката? Има ли надеж да се разбуди образовниот систем за кој постојано се одвојуваат огромни средства од граѓаните?
Секако дека има! Само треба веднаш да се направат промени и реформи. Да, знам дека ви се крена косата од споменувањето на зборот реформа. Ама, под ова, не мислам на сите досегашни полуреформи и згрешени проекти од преку дваесетина министри за образование што Македонија ги имаше во последниве триесетина години. Се правеа бомбастично најавувани реформи, па реформи на реформите, од кои образованието само се повеќе се расформираше.
Доволен пример за такво нешто е набрзинка зготвената реформа на министерката Мила Царовска, за која сите релевантни институции укажаа дека е многу лоша и треба да се преправи, ама тогашната власт арогантно сето тоа го игнорираше и уверуваше дека ќе ни донела најнапредно образование. И? Се направи огромна штета и хаос од кој уште се трпат последиците.
Чаре? Сегашното раководство на ресорното министерство и сите владини агенции посилно, посеопфатно и постручно да запнат и да ги поправат работите. Секако, тоа си бара време, но додека се прави таа реформа, треба забрзано да се обезбедат подобри технички услови за да се одвива образовниот процес: со изградба и реконструкција на училишта, повеќе модерни нагледни средства, спорски сали, интернати, навремено печатење на учебници… Летен распуст за Министерството не смее да има.
Но, да се разбереме образованието не се подобрува само со владини уредби и нови училишни клупи. За квалитетен исчекор потребно е и работа со срце и со посветеност. Е таа работа зависи во голем дел од наставниот кадар. Професорите, наставниците исто така се на потег.
Оти во секоја училница „живост” на клупите, таблите и учебниците им дава токму наставниот кадар. Наставниците треба како „со креда на табла” внимателно да ја исцртаат иднината на секоја генерација што им е „доделена” за воспитување, учење и надградување. Тие со постојано надградување, преку лични примери, со многу практична настава, треба да ги разбудат вештините кај учениците.
Свесен сум дека не се доволно платени, свесен сум дека и нивната професија со текот на времето како општеството се менуваше, ја губеше почитта, свесен сум дека и децата и родителите често знаат „да ја претераат”, но мора да се најде начин за поголема посветеност и исполнетост. Само така образованието повторно ќе вади генерации, конкурентни со знаење и вештини во целиот свет. А тоа е примарната задача на училиштата, нели?
Пред некој ден се кажа дека новата Влада ги покачи платите на наставниците, во иднина планира ново покачување, гледаме и дека се инвестира и во училишните капацитети, а ветено е дека на 1 септември во ранците на учениците, конечно ќе има и учебници, па ете сега е време и наставниците да го дадат дополнителниот импулс.
Само 15 отсто да се подигне нивото на работење – ефектите ќе бидат видливи веќе при следниот распуст. А подигањето на тоа ниво не е некоја невозможна мисија, напротив, само треба да се прифати предизвикот ревносно да се пријде кон најблагодарната професија – учител.
На нашето општество не му требаат деца полни со петки, а многу од „одличните“ да немаат реални знаења. На Македонија и требаат идни генерации вистински подготвени да одговорат на разните животни предизвици. И требаат деца со вештини!
Во училишните клупи треба да се создаваат здрави, вредни и умни генерации. Сигурно секој наставник кога ја избрал оваа професија на ова помислувал. Епа ајде, апелирам тоа повидливо да се преточи во дело.
Да, во ова треба многу да помогнат (а не да одмагаат) и родителите. Ама за тоа во друга прилика. Сега е важно почетниот импулс да го дадат наставниците, а и професорите на факултетите.
Оти ако наставниците се подобруваат и извадат се од себе, ако се попосветено внесени во наставата, ако ја запалат искрата кај учениците – ќе засветат цели идни генерација. Ќе и светне и на Македонија.
The post Апел до наставниците и до професорите appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот

Exit mobile version