Три месеци по трагичниот настан во клубот „Пулс“, Кочани и понатаму се соочува со угостителски објекти кои работат незаконски, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните. Вршителот на должноста градоначалник Венко Крстевски денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство, обвинувајќи неколку локали за узурпација на јавен простор и бесправна градба.
– Со жалење можам да констатирам дека некои угостители сè уште го ставаат личниот профит пред здравјето и безбедноста на граѓаните – изјави Крстевски на прес-конференција пред Обвинителството.
– Не смееме да замижиме по несреќата во „Пулс“. Ова е најтешкиот период за Кочани и јас нема да дозволам да ни се случи „Пулс 2“ – додаде тој.
Градоначалникот информираше дека во пријавата се приложени документи и примери од судска пракса, според кои биле отстранети бесправни објекти во други општини. Паралелно со тоа, Општина Кочани веќе започнала постапка за отстранување на угостителски објекти изградени на јавна површина во Трговскиот центар во градот.
– Ги прашувам институциите: Како може дивоградби да имаат легален приклучок на струја? Како е можно да имаат ХАСАП дозволи ако кујните им се диво изградени и се наоѓаат веднаш до електрични броила и фритези? Зарем повторно треба да се случи трагедија за да се разбудиме? – праша Крстевски.
Тој најави и дека е издаден налог до општинската инспекторка за животна средина да ги провери сите елаборати на угостителските објекти, посочувајќи дека во повеќе случаи документацијата не одговара на реалната состојба – ситуација слична како онаа пред несреќата во „Пулс“.
The post „АКО НЕМА РЕАКЦИЈА, ЌЕ ИМА НОВ ПУЛС“ Крстевски поднесе кривични на неколку локали во Кочани appeared first on plusinfo.mk.
Прочитајте ја целата статија од изворот
„АКО НЕМА РЕАКЦИЈА, ЌЕ ИМА НОВ ПУЛС“ Крстевски поднесе кривични на неколку локали во Кочани
