Site icon tvstanici.net

Хаос во Хаити: Банди сакаат да го соборат премиерот, држат студенти за заложници



ИЗВОР: КАНАЛ 5

Во неколку квартови во реонот на главниот град се слушале пукотници, додека безбедносните сили се обидувале да ги одбијат напаѓачите кои целеле на полициски станици, полициска академија и други стратешки места како што е аеродромот.

Училиштата, универзитетите и разни јавни и приватни институции ги прекинале своите активности, додека стотици луѓе се засолниле во своите домови.

Студентите на Државниот универзитет на Хаити биле земени како заложници пред да бидат ослободени, изјави деканот на Факултетот за земјоделство, Жозелин Луизант, за АФП. Најмалку еден студент бил застрелан и повреден во нападот, додаде таа.

Неколку авиокомпании ги откажале своите домашни и меѓународни летови откако проектили погодија авиони и делови од аеродромскиот терминал Тусен-Ловертур.

„Сите вооружени групи ќе дејствуваат за да се постигне заминување на премиерот“

Од атентатот на претседателот Жовенел Моис во 2021 година, Хаити се соочи со сериозна политичка, безбедносна и хуманитарна криза, при што вооружените банди ја преземаа контролата врз поголемиот дел од земјата додека се зголемува бројот на убиствата. На власт од 2021 година, Ариел Хенри требаше да се повлече на почетокот на февруари.

„Денес објавуваме дека сите вооружени групи ќе дејствуваат за да го издејствуваат заминувањето на премиерот Ариел Хенри“, рече водачот на бандата Џими Шеризие во видео објавено на социјалните мрежи.

„Ќе ги искористиме сите стратегии за да ја постигнеме оваа цел. Ја преземаме одговорноста за сè што моментално се случува на улиците“, додаде тој.

Премиерот Ариел Хенри моментално е во Кенија, земјата која ќе ја предводи мисијата на ОН за помош на полицијата во борбата против бандите. ОН вчера соопштија дека пет земји го потврдиле учеството во оваа коалиција и тоа Бахамите, Бангладеш, Барбадос, Бенин и ЧАД.

Exit mobile version