Во Центар со Васко Ефтов: Интервју со Митко Јанчев
Градоначалникот на Кавадарци и поранешен Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев изјави дека ќе се кандидира за лидер на ВМРО ДПМНЕ бидејќи партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена.
Според Јанчев мора да се прекине со праксата лидерот на партијата да биде избран или поставен од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник и да работи за нивните интереси. Јанчев смета дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ треба да биде избиран со гласање на целокупното членство.
Ќе се кандидирам за лидер на ВМРО ДПМНЕ на непосредни избори кога целото членство на партијата ќе биде во состојба демократски да гласа и да го избере новиот лидер. Мене не ми се потребни конгреси во Валандово, јас сакам целото членство да може да каже дали ја заслужувам довербата да дојдам на чело на партијата.
Не го разбирам Христијан Мицкоски, вели Јанчев, не треба некој да те брка од партијата, треба да го исполниш тоа што си го ветил. Ако си кажал дека по пораз на изборите ќе се повлечеш од лидерската позиција тогаш секое ветување треба да се исполни.
Постоење две ли повеќе крила во партијата ќе значи СДСМ и Зоран Заев да останат уште четири или осум години на власт во државата, вели тој.
На прашањето дали постои договор меѓу него и Зоран Заев, Заев да остане на чело на владата до 2024 година а потоа на премиерската функција да го замени Јанчев, тој одговара дека нема таков договор.
Мојата намера е да се кандидирам за уште еден градоначалнички мандат во Кавадарци и кога ќе се создадат демократски услови да се кандидирам на непосредни избори за лидер на партијата, вели Јанчев.
Пред изборите на мобилен ми се јави Орце Камчев. Ми рече дека е во Зелениково со Александар Пандов, сега прв човек на Патриотскиот Институт на ВМРО ДПМНЕ, и со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.
Камчев побара од мене да пренесам две пораки. Едната до Вице Заев, а втората до Сашо Мијалков. Му реков: Ги имаш нивните броеви и можеш сам да им се јавиш.
Со Вице Заев немаме заеднички бизниси, вели Митко Јанчев. Таа фотографија која се врти по социјалните мрежи, каде сум јас на иста маса со Вице Заев и неговите пријатели е настаната сосема случајно, вели тој. Тој ден јас станав Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ и со Вице Заев случајно бевме во ист хотел во Банско. Ги почастив една пијачка и таа фотографија потоа беше објавена на фејсбук. Од таму се сите приказни. Тоа е 2018 година или еден месец по конгресот во Валандово кога Христијан Мицкоски стана лидер на ВМРО ДПМНЕ.
ВО ЦЕНТАР со Васко Ефтов