Трите починати лица што беа пронајдени во неготинското село Црвени Брегови биле на возраст од 71 и 66 години и еден малолетник, а нивните тела се предадени за обдукција, потврдија вечерва за МИА од СВР Велес.
– Првичната информација е дека во 16.35 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во објект во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени три починати лица- Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од село Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција – информирала портпаролката на СВР Велес Биљана Ѓаковска за МИА.
Претходно случајот го потврдија од Јавното обвинителство од каде наведоа дека при првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство.
Според порталот Тазе.мк, во просторија до една од куќите во селото повремено доаѓале двајца оџи од битолско кои држеле верски обреди на кои присуствувале селани од селото. Така било и синоќа, а две деца кои биле на обредот вечерта, подоцна дома се пожалиле на здравствени проблеми и нагони за повраќање. Вечерта со оџите, во истата просторија останало да спие и момче од околу 14 години од селото. Еден од соседите денеска видел дека долго време ги нема да излезат, па реагирал и биле пронајдени телата. Во селото се претпоставува дека се имале загушено од неисправна плинска боца.