Водовод и канализација најави дека на 21 декември ќе го затвори главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров поради санација на дефекти.
„Во овој процес ќе се санира еден од поголемите дефекти на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, каде што има излевање на вода на улицата веќе десетина дена. Дополнително ќе се санираат и три други дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов“, се наведува во соопштението.
Цевководот ќе биде затворен до завршување на интервенцијата.
Оттаму информираат дека вакво затворање на главниот градски цевковод не се случува често. Последниот пат било во 1991/1992 година. Зафатот е неопходен за решавање на дефекти од овој тип.
– Со санацијата, освен што ќе се санираат дефектите, ќе се намали загубата на вода и ќе се ревитализира овој дел од водоводниот систем од Ѓорче Петров до Карпош – велат од водовод и канализација.
Жителите на Карпош 4 деновиве се соочуваат со проблеми од поплавени улици, тротоари и зелени површини, со насобран смет, што е сериозен проблем за локалното население.
Некои граѓани стравуваат дека гаражите во близина може да се поплават поради дополнителните врнежи.
Прочитајте ја целата статија од изворот