Е па ајде уште утре да ги ставиме Бугарите во Уставот!

А зошто да не? Зашто тоа, велат, не носи никакви „опипливи последици“, па веќе задутре низ земјава ќе потече мед и млеко, квалитетот на животот автоматски ќе се покачи, стандардот исто така, платите ќе се изедначат со оние во Германија и во Франција, сите три-четири извозно ориентирани македонски фирми ќе ја преплават Европа со свои „производи“, во земјава ќе се слеваат милиони евра од коишто секој ќе зема колку што му треба… итн. Или, со еден збор, паролата „Бугарите во Уставот“ е само чекор до сонот на Маркс и Енгелс за социјализмот. Оној којшто го пропаднаа!
А можеби и ЈСП ќе почне нормално да вози а „најдобрата менаџерка во Европа“ конечно ќе почне да работи?
Ама, сериозно, зошто да не? Младите, оние одамна заминати, ќе почнат да се враќаат бидејќи УКИМ веднаш ќе го стават на Шангајската листа меѓу првите дваесет, на старите можеби ќе им се продолжи животот зашто јавното здравство ќе биде на рамништето со Холандија, не ќе мораме да земаме кредити од некаков Орбан зашто ќе седнеме на масата кадешто се носат сериозни одлуки (нешто слично како што „носиме“ одлуки во НАТО), ќе бидеме господари на сопствената земја, судбина, економија…, ќе одиме слободно и со крената глава на Халкидики и во Банско… И што ако 36 пати сме го смениле Уставот? Тоа само значи дека истото можеме да го направиме и 37-ми пат! А зошто пак да не и 47-ми, ако треба?
Конечно, велат, зошто ние да се трескаме од земја и да плачеме дека Унијата не е фер и дека ние сме последниот европски Калимеро кога таа на солзите не им верува а Калимеро одамна не се дава на нивните телевизии. Тетка Урсула не ни знае кој е тој! Затоа, да ги изненадиме, итно да ги внесеме Бугарите во Уставот па тие нека се трескаат од земја што и како понатаму. Но, ако се случи да „ни побараат да признаеме дека сме Бугари и дека зборуваме бугарски“, па извинете, а за што постои дипломатијата? Или, зошто пак да не признаеме дека сме и тоа кога веќе признавме сѐ друго? Па можеби уште повеќе ќе се зголемат паричните транши од Унијата, ќе имаме уште поголеми плати, може ќе ни дадат и други бенефиции? И до кога ќе одиме со главата во ѕид за неважни, дури глупави прашања!?
И овие и вакви „прогресивни“ восклици за „Бугарите во Устав“ забрзано ќе се повторуваат, ќе добиваат на интензитет, секоја шушумига со два грама историски ум ќе дели лекции а ние, стаписани од глупоста, ќе молчиме. Или ќе глумиме „будали“ за да не ни се налути сектана за „закочување на европската иднина на Македонија“!
Но, сериозно, дали навистина и понатаму мораме да глумиме будали и одново и одново да пресметуваме дали два и два се навистина четири само поради фактот што неколкумна токмаци велат дека не се, дали сечија глупост баш мора да ни биде ѕвезда водилка на тој толку посакуван евроинтегративен пат? Двајца реномирани научници, Дејвид Гребер и Дејвид Венгору, во книгата насловена „Муграта на сѐ“ – капитално дело за човечката цивилизација – не случајно прашуваат (парафразирам): зошто Западната цивилизација односно европските сили мораа да ги потрошат последните 500 години нишанејќи во главите на луѓето со цел да ги присилат да веруваат во оптимистичкиот наратив за прогресот на Западната цивилизација?
Се разбира, некој ќе рече дека ова е филозофско а ние сме исправени пред егзистенцијално прашање. Ама, нели е тоа исто, или слично, или зарем историјата, јазикот, културата… идентитетот не се (и) филозофски прашања? Или навистина ќе веруваме во глупавите приказни дека нештата ќе се разрешат по дипломатски пат? Па тогаш, уште колку поглупави треба да бидеме?! И зошто никој од токмаците не појаснува зошто Бугарија не прифаќа уставни измени со одложено дејство?
И сепак, иако можеби некому ќе му звучи навредливо: како може нормален граѓанин на оваа држава да не ги согледува овие нешта?!
Затоа, сакам да повторам: од самиот (нов) почеток на „источниот проблем“ (со идентитетот, јазикот, културата, потоа и со ветото) македонскиот граѓанин нема речиси никаков сериозен увид во клучните аспекти на „проблемот“. Не сите граѓани ги знаат/паметат нештата од втората половина на минатиот век и генезата на прашањето, уште помалку им се достапни компетентни објаснувања за можните идни политички, историски, културни, идентитетски и други реперкусии во случај на примената на сите диктати од т.н. француска рамка. Уште помалку можат да ги претпостават потенцијалните нови ретроградни барања од „источната страна“. Тоа впрочем и не е нивна работа туку е обврска на државата односно власта – минатата (којашто го потпиша ступидниот Договор и ја прифати налудничавата „рамка“), и сегашната, којашто се нафатила да ја води државата во овој период.
Во отсуство на една таква „бела книга“ за македонските евроинтеграции и „источниот проблем“, граѓанинот е препуштен – да не кажам е жртва! – на секакви небулозни коментари и „објаснувања“ од навивачката секташка клиентела којашто себеси се претставува како прогресивна. А мегафоните на таа клиентела, сега пуштени на најсилно, одат до неверојатно смешни (да не речам потежок збор) „толкувања“ на проблемот, изедначувајки го, на пример, одбивањето на уставните промени со „инает“ или излегувањето „од дома со мокра коса“ и „мазохизам“, други се „импресионирани“ од „голата држава“ со „Golden Agreement“, трети „се палат“ на смешни етно-романтичарски „патрдии“ и лицитираат кои земји се добри а кои не итн.
И сите во еден глас наводно се согласуваат дека мора да се најде „решение“, божем не им е уште јасно кое е и какво е тоа „решение“. И таа „бела книга“ мора тоа отворено да го каже: дека овде не станува збор за изнаоѓање решение, дека овде не станува збор за некакви преговори туку за политикантско насилство според формулата „остави или – остави“. Дали тоа го разбираат или не некои шушумиги кои препорачуваат дека „постои дипломатијата“ ако ни побараат да признаеме дека сме Бугари и дека зборуваме бугарски, тоа е сосема друг проблем. Зашто, во оваа ЕУ формула нема опција „земи“. Тука сѐ е наштелувано за она „остави“ бидејќи нормална држава – а јас сакам да верувам дека ние, или барем поголемиот дел од нас, сѐ уште сме нормални – нема да „земе“ онакви понижувачки и самоубиствени услови.
Јас немам дилеми, никакви, дека еден незначителен или мал процент од македонските граѓани, по силата на нештата, мисли слично или исто како мегафоните и дека им е смачена оваа силеџиска игра на мачка и глушец, дека многумина, особено младите, не гледаат перспектива во/за земјата во вакви услови. Токму (и) заради тоа, обврската за компетентно информирање на пошироката јавност за сите (сѐ уште) отворени проблеми/дилеми и можните последици – званични и незванични – околу „источните приказни“ останува на оваа власт којашто де факто ги проблематизираше и спомнатиот Договор, но и вкупниот евроинтегративен процес, сосе „рамката“! И таа обврска за завлегување, или „загризување“, подлабоко во проблемот не е мала или занемарлива!
Можеби тоа ќе биде она наше (евентуално) „соочување со себеси“ и утврдување на некаква (ако е неопходна) „колективна терапија“ (за коишто пишував во повеќе наврати во минатите текстови!), односно процес на размислување за сите аспекти на проблемот. Она што досега го немавме односно некој не сакаше да го имаме. Веќе фактот што одредени „недефинирани“ сили во државава, поединци со крајно нејасен политички – односно политикантски – и интелектуален бекграунд бараат брзо решение, влева сомневање. Стихијното разрешување на такви историски важни – да не речам круцијални, цивилизациски – прашања никако не смее да се дозволи без оглед на инсистирањето на коекакви секти и нивни клиенти и партии-приколки.
Бидејќи изминатите седум години се дефинитивно загубени, историски и (не)културно потрошени во неповрат, спомнатиот процес не смее да биде еднакво долготраен и слично депресивен. Не мислам дека долгорочни конечни решенија во овој миг се неопходни. Поважни се јасните и компетентно образложени процеси односно последици од наметнатиот недемократски и крајно нецивилизиран безглав спринт на крилјата на суштински и особено чувствителни историски, културни, јазични, идентитетски… прашања.
Извор: Теодосиевски уметност
Прочитајте ја целата статија од изворот

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×