Шилегов повторно му врати на Мицкоски: Пожарникарската скала е со дополнителна опрема


Скопскиот градоначалник Петре Шилегов реагираше и на втората прозивка од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој обвини дека Град Скопје набавил пожарникарска скала од Унгарија за 1,7 милиони евра, а истата таква скала, како што посочи, Загреб набавил за 800.000 евра. Според Шилегов, се работи за различни скали со различна опрема.
„Ова е список на дополнителната опрема која што ја има скопското, но го нема загебското возило (дополнителна опрема во доградбата): компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус, монтажа на корпа носилка за повредени, фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа, електромагнетна стабилност, агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото), негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус, сајла за спуштање на пожарникари, дополнителна скала за од корпа до кров, довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на сама корпа, подвижен под на корпа, компјутерска нивелација на цела надградба лево десно… Списокот е подолг. Ова се основните разлики. Веројатно сега ти е појасно зошто и каде има разлика во цената“, напиша Шилегов на фејсбук.
Тој додаде дека Загреб во изминативе 30 години набави 5 вакви возила, додека Скопје не набавило ниедно.

ИЗВОР. ФОКУС