Царовска, Спасовски, Филипче и Битиќи – министрите кои се најкритикувани добија високи партиски функции



ИЗВОР: АЛФА

Најкритикуваните министри во Владата, добија  високи партиски функции. Филипче кој постојано е обвинуван дека лошо се справува со ковид кризата и Царовска која ја крена јавноста на нозе поради реформите кои ги планира во образованието,  добија потпретседателски места. Потпретседател во СДСМ стана и Фатмир Битиќи  кој е критикуван поради економските мерки. И министерот за внатрешни Спасовски доби потпретседателска функција во чие министерување случија бројни афери – „Мафија 1“, „Мафија 2“, „Марихуана“, како и бројни убиства без разрешница.  На местото на Шекеринска доаѓа Сања Лукаревска, директорката на УЈП. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека старо-новиот тим значи комплетна комплетна султанизација под водство на Заев.

„Заев сам си предложи и си избра луѓе од најблиска доверба кои на Македонија и донесоа над 5.200 починати заради здравствен систем кој не функционира, 60.000 нови невработени заради економски мерки кои не помагаат никому, и 111-то место во корупција со министри кои бркаат пакувања путер додека високите владини функционери пакуваат куферчиња со кеш – пари“-рече Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак се упорно тврдат дека во раководството на партијата има нови ликови и свежина.

По 26 Конгрес којшто се одржа вчера и  донесе кадровски освежувања во највисоките партиски органи, СДСМ започнува ново четиригодишно поглавје за напредокот на македонската држава и подобра иднина на сите граѓани-рече Богданка Кузевска – портпарол на СДСМ.

Јавноста покрај тоа што чекаше кои ќе бидат новите челници на СДСМ, чекаше и дали социјал-демократите ќе го променат своето име , согласно Преспанскиот договор, оти премиерот пред неколку месеци најави дека на конгрес ќе биде разгледана потребата за промена на името на партијата. Но сепак тоа вчера не се случи.

Мери Ѓорѓиевска