Филмски грабеж на пинк пантерите во Париз. Ограбиле златара кога во близина бил актерот Жан Клод Ван Дам. Со ограбениот накит тргнале за Белград



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Француската полиција уапси двајца државјани на Црна Гора под сомнение дека украле вреден накит од луксузна продавница за накит во Париз, заканувајќи им се на вработените со пиштол и бомба.

Двајца мажи, на возраст од 44 и 54 години, осомничени дека се членови на бандата Пинк Пантер, беа уапсени во средата во автобус што од Париз тргнал кон Белград, само неколку часа откако ја ограбиле продавницата за накит Шамет, во најелитниот дел на Париз, недалеку од Елисејските полиња, од каде однесоа плен вреден дури три милиони евра!

Грабежот, кој француските медиуми го опишуваат како речиси совршен, се случил во вторникот околу 17 часот, за само неколку минути.

Разбојник во сиво одело, со очила и маска, возејќи се на зелен скутер дошол до златарницата и влегол во неа. Вработените не виделе дека има пиштол, кој го извадил набргу откако побарал од златарата да му го покаже највредниот накит и скапоценостите. Кога работникот го донесе накитот, разбојникот извади пиштол и побарал да му ги дадат клучевите од витрините, објасни извор во француските медиуми

Го стави накитот во торба, но цело време се закануваше дека ако некој се тргне на страна или повика полиција, ќе ја активира бомбата. По неколку минути ги заклучил работниците во златарницата и со торбата, во која имало накит вреден околу три милиони евра, излегол надвор и избегал со скутерот. Камерите го снимиле како оди кон реката Сена до метрото, и таму му се губи трагата.

Сепак, со оперативна работа, но и благодарение на оставените траги од разбојникот, полицијата наскоро открила каде се наоѓа тој заедно со соучесникот.

Трагата ја доведе полицијата до хотелот. Утврдено е дека двајцата мажи изнајмиле соба, но и дека заминале со автобус за Србија. Утврдено е и каде се наоѓа во тој момент автобусот и на последното одморалиште пред излезот од Франција, автобусот бил претресен и во него била пронајдена торба со украдениот накит, изјави извор близок на истрагата за француските медиуми, додавајќи дека уапсените им е одреден притвор.

Утврдено е и дека осомничените за грабежот се црногорски државјани, кои од порано не и се познати на полицијата.

Се претпоставува дека тие биле ангажирани од луѓе од бандата Пинк Пантер, која во најголем дел е составена од луѓе од Балканот, а која се занимава со кражба на скап накит низ цела Европа и светот. Според начинот на кој грабежот се случи во Париз, може да се заклучи дека е организиран од Пинк пантерите, пренесуваат медиумите и додаваат дека грабежот најверојатно е нарачан од Србија или Црна Гора.

Гардијан наведува дека во времето на грабежот, кој наликувал на филмски грабеж, недалеку од златарата, бил познатиот актер Жан-Клод Ван Дам. Тој бил во продавницата на очила, а постои сомневање дека разбојникот го искористил тој момент за грабежот, бидејќи вниманието на сите минувачи било насочено кон славниот актер. Луѓето кои се најдоа на улица, рекоа дека не го забележале ниту грабежот ниту разбојникот, бидејќи нивното внимание било насочено кон Жан -Клод, пишува Гардијан.

Автобусот, кој сообраќа на линијата Париз-Белград, а во кој разбојниците се качиле со милионски плен, припаѓа на компанијата Фудекс. Компанијата објасни дека полицијата се качила во автобусот додека стоел на бензинската пумпа, 200 километри од Париз. Претресот во автобусот траеше од 11 до 18 часот, при што беше извршено пребарување на целото возило. Целиот багаж беше исфрлен од автобусот на улица и беа земени изјавите на сите патници, изјави за српските медиуми преставник на компанијата и додаде дека се уапсени две лица од нивниот автобус, а останатите патници го продолжиле патувањето.