Филипче призна дека доцни скринингот на учениците



ИЗВОР: АЛФА

Министерот за здравство призна дека доцни скринингот на учениците кој го најави пред речиси две недели. Методологијата за тестирање на 8200 ученици била подготвена, а од утре ќе се бара писмена согласност од родителите на учениците на кои ќе им се прават брзи антигенски тестови. Филипче уверува дека од понеделник ќе започне земањето брисеви на ученици од основните и средните училишта.

„Се знае колкава бројка ученици ќе бидат опфатени, во кој од класовите во кои училишта согласно бројката на училишта во општините. Верувам дека тоа ќе биде брзо со оглед дека ќе се прави преку електронскиот дневник и родителите имаат можност веднаш да одговорат. Апелирам да го прифатат скринингот, не е тоа ништо страшно, обичен брис се зема кај децата исто како брисовите и за детектирање на други причинители на горнореспираторни инфекции. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспитализирани – 10-15 во болницата во Козле, и во ниту една друга институција нема податоци за трансмисија на вирусот во училиштата. Но, важно е да знаеме дали евентуално би откриле асимптоматски носители кај децата“ – вели Филипче.

Иако бројот на ученици во Македонија е околу 240 000, здравствените власти одлучија прво да тестираат само многу мал дел односно 8200 ученици. Дали ќе го следиме примерот од други земји, каде сите ученици се тестираат барем еднаш неделно, ќе покажат анализите по завршувањето на скринингот. Филипче вели, здравствениот систем има капацитет за тоа, но за следните чекори ќе се одлучува подоцна.

Откако беше најавено дека ќе се тестираат дел од учениците, повеќето лекари реагираа дека бројката е премногу мала, и не може да се постигне никаков резултат. Дел од стручната фела смета дека за да се направи анализа дали има трансимисија на корона вирусот, потребно е да се направи тестирање на барем 50 000 ученици.

За разлика од нас, во Грција учениците се тестираат  два пати неделно, во Словенија еднаш неделно, а во Турција два пати неделно тест мора да прават и наставниците кои не се вакцинирани. И во Канада, сите ученици се тестираат еднаш во неделата на трошок на државата.

Адријана Алексиеска