Уставниот суд покрена иницијатива за оценување на уставноста на дел од Законот за банки



ИЗВОР: АЛФА

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Судот изрази сомнеж за уставноста на оспорената законска одредба.

Иницијативата до Уставниот суд е поднесена од Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи”. Здружението преку соопштение им честиташе на Уставните Судии за како што велат „историски праведна одлука!“ Од Здружението велат дека сите штедачи треба да бидат третирано еднакво и тие со штеден влог до 30.000 евра и тие што имале над 30.000 евра, но и фирмите, кои во домашните закони не се заштитени со минимална сума при пропаѓање на банка.

Согласно актуелното законско решение Фондот ги обесштетува осигурените депозити до 30.000 евра во денарска противредност, оние над тој износ, како во случајот и со Еуростандард банка, се пријавуваат како побарувања од стечајната маса.

Спорниот член од законот налага од стечајната маса побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити, да се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Токму на оваа одредба реагираат штедачите и бараат да се измени, односно Фондот да нема предимство. 

Од Министерството за финансии посочуваат дека Фондот за осигурување депозити ја одржи довербата на граѓаните во домашниот финансиски систем, бидејќи депозитите на домаќинствата претставуваат сигурен и најевтин начин за финансирање на домашната економија.

Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Македонија и неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата..

Уставните судии пред неполни два месеца одлучија да не поведат постапка по иницијативата поднесена за истата одредба од Законот за банки. Дозволата за работа на Еуростандард банка и беше одземена во август минатата година.

Борис Грујоски