Трајковски: Ги прочита ли инвеститорот забелешките од ЕУ пред да ги прави модуларните болници?



ИЗВОР: АЛФА

По трагедијата во тетовската модуларна болница, власта непрестајно уверува дека овие објекти се градени по највисоки стандарди, но експертите имаат  бројни забелешки.

„До пожарот и до жртвите веројатно никогаш немало ни да дојде доколку кај инвеститорот на модуларните болници (Владата, односно Министерството за здравство) ги читале и се придржувале до препораките од Европската комисија, поточно на Здружениот истражувачки центар, којшто од поодамна донел низа препораки за изградба на болниците, по избувнувањето на дваесетина пожари во разни ковид центри ширум светот, како последица на високата концентрација на кислород во воздухот. Чиновникот којшто го составувал текстот на тендерот, овие препораки сигурно не ги прочитал, неговиот шеф уште помалку, а конструкторот во градежното претпријатие – ич – пишува Трајковски.

Формално-правно сè било во ред, но суштински сè било промашено уште од самиот почеток пишува Трајковски. Несреќна комбинација на незаинтересираност, неукост и неодговорност, а како што стојат работите, најверојатно никогаш никој нема да одговара за големиот пожар во тетовската болница,  вели професорот.

Од друга страна, кој е одговорен за функционирањето на модуларните болници? Кој го направи примопредавањето или технички прием во болниците,  направено ли беше со или без електрична и кислородна инсталација? Пожарот кој избувна во тетовската модуларна болница, однесе 14 животи но изгоре и целиот објект за само неколку минути. Објаснувањата се дека концентрацијата на чист кислород во објектот придонела за тоа. Материјалите горат од една искра или мал пламен, доколку се во средина со збогатен кислород, велат експертите. Според нив, пожарот во Тетово, односно неговата брзина и реакција не можела да се случи во атмосфера со обичен, нормален воздух. Оттука, се наметнува и прашањето дали имало грешки во ракувањето со кислородот во ковид болницата во Тетово.

Сите овие  прашања и дилеми се очекува да ги одговорат кримтехничарите на МВР заедно со германските тим експерти кои ќе пристигнат деновиве во Македонија. 

Викторија Миткова