Трагедија во Хрватска – 10 загинати и 45 повредени во превртен косовски автобус



ИЗВОР: АЛФА

10 загинати и 45 повредени, од кои осумина се во критична состојба е трагичниот епилог од тешката сообраќајка кај Славонски Брод.  Косовски  автобус на компанијата Дева турс со 67 патници, кој сообраќал на релацијата Приштина – Франкфурт, утрото во 6,20 часот излетал од автопатот во близина на наплатните рампи кај Славонски Брод,  Од локалната болница информираат дека кај нив се примени 45 лица со повреди, а меѓу тешко повредените е и девојче.

„ Од нив, осуммина се потешко повредени, четири лица се веќе оперирани а на останатите и натаму им се прават потребните орегледи. 14 патници и еден од возачите се овде во полициската станица и чекаат сместување во објект кој што треба да им го осигураме“ велат надлежните.

За несреќата на својот твитер профил се огласи и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

 „Со голема тага ја примив веста за излетувањето на автобусот од автопатот кај Славонски Брод во кој животот го загубија 10 лица. Во мислите сме со семејствата на жртвите и со косовските власти и народот, и на сите им изразуваме длабоко сочувство. Се надеваме дека повредените патници брзо ќе се опорават“, напиша Пленковиќ.

Возачот признал на полицијата дека задремал додека управувал со автобусот и е апсен. Хрватската полиција најпрво јави дека се работи за македонски автобус и загинати тројца патници. Сеуште нема информации дали меѓу патниците има и македонски државјани.

Викторија Миткова