Трагедија во Ла Манш, над 30 мигранти загинаа во превртен чамец – Фокус


Најмалку триесет и едно лице загина денеска откако гумен чамец со мигранти се преврте при преминувањето на Ла Манш од Франција кон Велика Британија. Во чамецот имало 34 лица, од кои 31 загинале, двајца се спасени, а еден се води како исчезнат, пренесува Ројтерс.

-Две лица кои преживеаја се во животна опасност, заболени од тешка хипотермија. Ова е катастрофа за Франција, за Европа, за човештвото, кога гледаме како овие луѓе, кои се оставени на милост и немилост на шверцерите, умираат на море, рече францускиот министер, Жерар Дерманин.

– Advertisements –

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека е „шокиран и ужаснат“ од несреќата.

-Моите мисли и сочувство се со жртвите и нивните семејства, но оваа катастрофа предупредува колку е опасно да се премине Ла Манш на овој начин, рече Џонсон по претседавањето со итниот состанок на владата.

Иако двете влади ги обвинија шверцерите, голем број француски политичари ја обвинија Британија за проблемот, велејќи дека таа треба да ја промени својата миграциска политика. Францускиот претседател Емануел Макрон повика на итен состанок на министрите на Европската унија кои се вклучени во имиграциските прашања. -Франција нема да дозволи Ла Манш да се претвори во гробишта, рече Макрон во соопштението.

ИЗВОР. ФОКУС