Судири на Косово – опасна предизборна кампања на Курти или намерно држење тензија во српскиот дел?


По само неколку недели мир, вчера се случи нова криза на северот на Косово, откако специјалната косовска полиција спроведе акција, за којашто косовските власти тврдат дека е насочена против шверцерите и упаднаа во една аптека и повеќе продавници. Србите, кои се мнозинско население на северот на Косово, излегоа на улиците во Северна Митровица и се огласија сирените за опасност.

Полицијата ги растеруваше насобраните граѓани со шок-бомби и солзавец, а во судирите меѓу косовската полиција и Србите беше застрелан еден Србин, кој е во тешка состојба. Во болницата во Митровица се примени вкупно шест лица кои настрадале во судирите меѓу полицијата и Србите во Звечан, општина недалеку од Митровица.

– Advertisements –

Миливоје Михајловиќ, српски новинар и долгогодишен дописник на Би Би Си и на други странски и домашни медиуми од Косово, за хрватски Индекс ја анализира кризата на Косово, за која смета дека станува збор за предизборна кампања на косовскиот премиер, Албин Курти, со оглед на тоа што во недела таму се одржуваат избори.

-Ова е втора и многу опасна криза на северот на Косово во рок од неколку недели. Имаше сериозни пукања на неколку места, еден човек е опериран, станува збор за цивил. Српските извори тврдат дека има повеќе десетици луѓе кои се повредени од гумени куршуми и солзавци. Косовската полиција пак соопшти за шест повредени полицајци и осум уапсени, вели Михајловиќ.

Според него, ова е најтешка провокација за Србите од северот на Косово последниве неколку години.

-Луѓето таму се вознемирени и уплашени. Сметаат дека оваа акција претставува кршење на сите договори од Брисел бидејќи според нив, специјалната косовска полиција не може на северот на Косово без дозвола од НАТО и КФОР, меѓународните мировни сили на Косово по водство на НАТО, вели Михајловиќ кој додава дека и во претходната криза околу регистерските раблици имало блага реакција на меѓународната мисија на Косово се додека не дошол КФОР, којашто ја оценува како многу сериозна мисија.

Тој стравува дека се уште не е ништо готово и смета дека ова е доказ дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е во најголема криза.

-Секој проблем кој нема да се реши во Брисел станува опасен повод за инциденти. Постои таа постојана закана дека ваквите инциденти може да прераснат во голем хаос со многу крв. Опасно е што косовскиот премиер Курти праќа силни полициски сили и презема вакви чекори пред изборите во недела. Според моите информации, тој не стои најдобро на локално ниво иако има мнозинска власт во парламентот, но на локално ниво може да изгуби многу важни општини, анализира новинарот кој смета дека целта на Курти е да го привлече десноориентираното избирачко тело.

Според досегашното искуство, вели Михајловиќ, изборите на Косово претежно ги добиваат оние кои ќе го подигнат степенот на непријателство кон северот на Косово каде има најмногу српско население, а за тоа придонеле и истражувањата на јавното мислење кои покажале дека Курти не стои најдобро. Српскиот новинар вели дека првата реакција на српските власти кои побараа итна акција на КФОР и меѓународните сили да го заштитат населението била доба и доста важна бидејќи веднаш реагирал високиот претставник на ЕУ, Џозеф Борел.

Смета дека најдобро е Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ да се најдат во Брисел и да се обидат да ја решат оваа криза.

– Мислам дека на сите ни е доста од војни. Но ова е опасна предизборна кампања која може да доведе до голем ризик за мирот. Се плашам дека има малку време до изборите и дека постои опасност од нови инциденти. Има многу прашања од енергетика, посебни даноци за стока од централна Србија кои доаѓаат за Косово коишто може да доведат до сериозни инциденти кои е тешко да се контролираат. Една будала може да направи хаос, без оглед на која страна, и тоа не ќе може да се контролира, заклучува Михајловиќ.

Косовскиот политички аналитичар Неџмедин Спахиу смета дека вчерашниот инцидент на северот на Косово нема да направи пресврт во ситуација, туку дека станува збор за еден од низата слични инциденти.

-Верувам дека ова е еден од оние инциденти кои се случуваат за да се задржи постојната состојба на северот на Косово, односно на привилегираниот статус на тамошните граѓани кои веќе 22 години не плаќаат ниту струја, ниту вода, туку за нив плаќаат останатите граѓани од останатиот дел на Косово. Покрај тоа, таму има и шверцување и слични работи. Па секој обид на институциите на Косово да се воспостави ред и мир, како и во останатите делови на Косово, наидува на отпор. Сметам дека ќе има уште вакви инциденти се додека не се воспостави конечен договор меѓу Србија и Косово, вели Спахиу.

Според него, Србија цело време ја зголемува цената за признавање на Косово, додека од друга страна на Косово му одговара таа цена да биде што пониска.

-Ако државата Косово нормално функционира и ако институциите би работеле како што треба, таа цена ќе биде помала. Затоа Србија се труди барем на северот на Косово да не биде мир и спокој, секогаш да биде затегната ситуацијата за да се зголеми цената. И тоа е суштината на спорот, смета Спахиу.

Тој смета дека ќе следува признавање на Косово. – Нормално. Ако се вратиме наназад, некаде во 1991 или 1992 година, беше незамисливо Србија да ја признае Хрватска. Мислам дека Србија ќе го признае Косово. Што повеќе одолговлекува, тоа е полошо за неа и за Косово, заклучува Спахиу.

ИЗВОР. ФОКУС