СДСМ и ДУИ поставија стапица: Без „Северна“ власта нема да гласа за црвените линии со Бугарија



ИЗВОР: АЛФА

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии со Бугарија фатена во стапицата на СДСМ И ДУИ. По Заев, кој најави дека без Северна нема да ја гласаат, денеска и Османи со ист став. За двете владејачки партии не е доволно кратенката „С точка„, туку требало да биде испишана целата кованица Република Северна Македонија.

-Прашањето за уставното име кое што стана дел од оваа резолуција е отворање на нови проблеми, а не помош во затварање на овие проблеми. Доколку се користи уставното име ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата. Резолуција која што нема уставно име нема правна форма, изјави Османи.

Ваквиот став на Османи е контрадиктореен ако се има в предвид дека предлог текстот на резолуцијата влезе во собраниска процедура со кратенката и беше прифатен токму од спикерот Талат Џафери, кој е кадар на партијата на Али Ахмети.  Условувањето за Северна, според Заев не било инает, туку се работело за некаков негов принцип.

-(Доколку остане вака името ќе гласате ЗА?) Секако дека не. Не смееме и недозволиво е, не се работи за инает или не знам каков каприц. Се работи за принцип, се работи за Уставот, недозволиво е премиерот, владејачкото мнозинство, институциите на системот, да гласаат контра Уставот. Тоа испраќа порака дека го дерогираме целиот систем, изјави Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време се на ставот дека власта се обидува да најде начин како да не се донесе оваа резолуција, иако декларативно кажаа дека се за. Пратеникот Бране Петрушевски вели дека Заев на овој начин се обидува да добие време за пазарење со Бугарија.

-Суштината на самата резолуција се црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата напишани од МАНУ, УКИМ и МПЦ. Заев да не се заглавува во формата игнорирајќи ја суштината. И секое одложување на нејзиното значи дека Заев се бори за простор за пазарење со Бугарија. Не би сакале да веруваме дека има некои подлабоки причини за опструирање на оваа резолуција, изјави Петрушевски.

ВМРО-ДПМНЕ со резолуцијата бара да бидат поставени македонски црвени линии во преговорите со Бугарија, за заштита на македонскиот јазик, идентитет и националните интереси. Доколку оваа декларација се изгласа во Собранието од она што е таму запишано нема да смее да отстапи ниту една Влада.

Матеја Петровски