Регистерски таблици сеуште нема, граѓаните гневни, надлежните не гледаат проблем



ИЗВОР: АЛФА

Додека надлежните уверуваат дека нема никаков проблем, расте револтот кај граѓаните кои не можат да добијат регистарски таблици. Сопствениците кои набавиле нови возила или пак, вршат пререгистрација чекаат веќе со месеци за таблици.

“Каква е оваа држава да нема регистарски таблици? Парите ни ги земаа,се е уплатено, а таблици никаде нема.А не смееме да ги возиме возилата иако се ни е платено.Ова е брука невидена што ја нема никаде-”-реагираат граѓани.

Иако во МВР досега неколкупати тврдеа дека нема никаков проблем околу недостигот на таблици, сепак, таблици нема и тоа со месеци.Ова ни го потврдија во неколку станици за технички преглед каде се јавивме.

Повторно прашавме во МВР,во што е проблемот?И повторно ист одговор, дека застојот во издавањето на таблички,веќе бил надминат,

“МВР спроведе нова постапка и согласно отворената рамковна спогодба за набавка на регистарски таблички за моторни возила, по спроведената електронска аукција, како и по истекот на законските рокови за поднесување на жалба ,склучена е Рамковна спогодба со економскиот оператор Квантум Скопје. Со потпишаната спогодба се решава застојот во издавањето на табличките, т.е. во наредниот период ќе следат тековни испораки на сите видови на обрасци од регистарски таблички. Со ова очекуваме целосно нормализирање на состојбата со издавање на таблички во периодот што следи”-велат од МВР.

Проблемот,а со тоа и многу сомнежи и нејаностии во јавноста,се јави откако после повеќе од 20 години,МВР реши да ја прекине соработката со Раде Кончар,од кого набавуваше таблици.Фабриката не го доби тендерот,за што поднесоа и жалба,обвинувајќи за многу неправилности и пропусти во тендерската постапка.Жалбата им била одбиена, а застојот во испораката велат од Кончар,не бил поради процедурите околу целата постапка, како што се правдаат во МВР,туку е поврзан со техничките капацитети и можности на новиот оператор.   Инаку,Алфа дознавајќи од свои извори веќе објави дека тендерот го добива фирма со сомнително потекло, но,бидејќи,наводно, била регистрирана само како канцеларија немала можност да печати таблички. Па,за да не избие скандал, државата, според нашите извори, одлучува да нарача таблички од Германија. Од МВР се правдаа дека договорот со “Раде Кончар” бил временски истечен и вредносно истрошен и избран бил економскиот оператор Квантум од Скопје кој настапувал како група на понудувачи со оператор од Германија.         

Милена Вучевска