Реакциите од јавноста не се важни за Пендаровски: Прекинува тридецениска традиција, Мицкоски немало да биде дел од неговиот циркус



ИЗВОР: АЛФА

И покрај жестоките реакции од јавноста, претседателот Стево Пендаровски официјално потврди, дека нема да има политички говор во Крушево, по повод Илинден. Ова е прв пат на Мечкин Камен да нема обраќање од еден од политичките лидери во државата. Објавувајќи ја програмата за утрешното одбележување на втори август, во Фејсбук постот на Пендаровски, никаде нема споменато евентуален негов говор.

-Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август –  Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен со поздрав на Армијата на Република Северна Македонија, поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба и полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена, објави на Фејсбук Пендаровски.

Идејата на Пендаровски кажана на последниот брифинг со новинарите, е да се собереле сите лидери на парламентарните партии, со цел помирување. Но официјално објаснување зоштио нема да има и говор, Пендаровски не дава. Присуство таму досега потврдија Зоран Заев, Али Ахмети и уште неколку од помалите партии. Не се знае дали ќе присуствува Зијадин Села, бидејќи бил во странство. Сигурно е дека нема да присуствува Христијан Мицкоски, кој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од овој, според неговите зборови циркус на Пендаровски.

-Што се однесува до овој нов начин на би рекол на импровизирано чествување на најголемиот празник за македонскиот народ, исто така ќе ве потсетам на Крушевскиот Манифест, тоа претставува и празник на нашите сограѓани, без разлика дали се тоа Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, ова што денеска се случува е класична импровизација. Дел од циркускиот церемонијал на претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата, изјави Мицкоски.

Одлуката на Пендаровски да нема говор предизвикува бура негативни реакции на социјлните мрежи

Пендаровски беше избран на нелегитимен начин, тој и да сака да одржи говор, нема да има пред кој, па затоа си измислува, “церемонии на мозокот“, се вели во еден твит.

-На местото каде сто Македонци имале храброст да се соочат со десет илјади турска непријателска армија, Стево Пендаровски нема храброст да се појави и да одржи говор пред десет илјади свој народ. Илинденците би биле горди на тебе Стево, се вели во друг твит.

Одлуката на Пендаровски да не држи говор доаѓа во моменти кога Македонија има отворен спор со Бугарија, а токму една од главните теми се илинденските херои. За Бугарија сега е проблем и резолуцијата изгласана во Собранието за македонските црвени линии. Мицкоски вели не го интересирал ставот на источниот сосед.

-Она што мене ме интересира е ставот на македонските граѓани, а ставот на македонските граѓани е едногласен и го поздрави донесувањето на резолуцијата. Ставот на бугарското МНР нека си го коментира бугарското МНР и Владата, и бугарските граѓани. Мене како политичар кој што работи за интересите на македонските граѓани, ме интересира само ставот на македонските граѓани, изјави Мицкоски.

Покрај присуството во Крушево, премиерот Зоран Заев утре прво ќе биде во Пелинце, додека лидерот на опозицијата, традиционално најголемиот македонски празник ќе го одбележи во струшкото село Ташмаруништа.

Матеја Петровски