Разрешени директорите на „РЕК“ Битола и Осломеј



ИЗВОР: АЛФА

АД Електрани на Македонија (ЕСМ) соопшти дека се разрешени директорот на „РЕК“ Битола и на „РЕК“ Осломеј.

На местото на досегашниот директор на „РЕК“ Битола Златко Ќурчиевски, за в.д. директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана, а на местото на дректорот на „РЕК“ Осломеј Златко Пиперкоски, доаѓа како в.д. директор Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници.

„ЕСМ“ најави дека во следните денови ќе има и други кадровски промени во комбинатите, за како што наведуваат, да се подобри процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции. Владата на 9 ноември прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор.

Во време на енергетска криза се случи трите блока на „РЕК“ Битола да не работат во исто време, во третиот имаше пожар, по што првиот беше исклучен, а вториот беше на сервис.