Работите на експресниот пат Штип- Радовиш им го комплицираат животот на штипјани



ИЗВОР: АЛФА

Изградбата на втората делница од експресниот пат Штип-Радовиш им го зеде мирот на штипјани. Од денес откако обиколницата кај Три Чешми се затвори поради изведување на градежни активности, целиот патнички и товарен сообраќај кон југоистокот и обратно ќе се одвива по новоселската клисура и до старите дотраени куќи во подножјето на Исарот. Ваквото сообраќајно решеније ќе направи тотален хаос во центарот на градот, реагираат граѓаните посебно оние кои живеат до старите куќи кои секој момент можат да се срушат.

 „ Кога поминуваат камиони се тресе целата куќа. Многу е сообраќај. Пред некој ден паѓаа керамиди од куќата, а сега уште повеќе „-објаснува Живко Бошковски кој живее до една од старите куќи заштитени со закон.

Небезбедно се чувствуваат и жителите на штипско Ново Село. Каде што шлеперите, камионите и возилата  се движат по тесното грло на новоселската клисура. За да стигнат до градските гробишта или викенд населбата „Новакова чешма„не им преостанува ништо друго освен да се движат по фрекфрентниот пат ..

  „Имаме деца, внуци, овде живеат стари луѓе. Имаа шофери што внимаваат, но има и такви кои воопшто не му ја мислат. Никој не води сметка дали ќе попуштат патиштата. Овој пат не е за тешки возила„-коментираат жителите на Ново село.

Поради ваквото сообраќајно решеније, засегнатите жители доставија и петиција до локалната самоуправа, од каде што им е речено дека друга алтернатива нема. Штипјани сметаат дека до ваков проблем со кој се загрозува безбедноста во сообраќајот немаше да дојде, доколку се реализираше идејниот проект донесен пред четири години за пробивање пат зад месноста Мери и населбата Пребег. 

Александра Ристевска