Пропадна тендерот за набавка на јаглен за „РЕК Битола“



ИЗВОР: АЛФА

Пропадна тендерот со кој државата бараше итно да се купат 900.000 тони јаглен за целосно пуштање во употреба „РЕК Битола“. Од „ЕСМ“ велат дека понуди имало, но понуденото количесто не можело да ги задоволи потребите за ублажување на енергетската криза. Во игра биле девет компании, ама ниту една понуда не била ниту приближно до бараната. Понудени биле само 165 илјади тони. За „ТЕЦ Осломеј“ имало понуда за 300 илјади тони, но допрва ќе се бира кој оператор ќе го добие договорот. Државата сега ќе распишува нов тендер.

  • Во прва фаза утврдено е дека за Осломеј понудите ги исполнуваат барањата за потребните количини, и понатаму во втора и трета фаза се продолжува со проценка на другите сегменти од тие понудите, рече Васко Ковачевски, генерален директор на „ЕСМ“.

Меѓународниот тендер треба да обезбеди јаглен за потребите на третиот блок на „РЕК Битола“ и на „ТЕЦ Осломеј“. Количините се потребни за да се засили домашното производство на струја за да се стабилизира цената за стопанството.

Стопанските субјекти се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а со оглед на енормниот пораст на цените на берзите, стопанството се соочува со опасност од голем ценовен удар.

Што конкретно сега ќе се случува надлежните не конкретизираат. Она што е очигледно е дека на државава и недостасува јаглен за да се задиоволат потребите во зимскиот перуиод. „РЕК Битола“ ги задоволува околу две третини од потребите, но само доколку е целосно во погон. Дали новонастанатат ситуација ќе значи и проблем, засега е нејасно.

Но она што е јасно според упатените е дека државата го преспа периодот во кој беа евидентни потресите на светските берзи, но и алармот кој уште поодамна го вклучија и домашните експерти. Дел од експертите веќе критикуваа дека ургентната набавка е задоцнета што и се потврди со денешната објава. Реагираат дека е крајно време државата да почне сериозно да инвестира во домашните енергетски капацитет.

  • Крај, нема веќе, задоцнето е, требаше до сега да мислат на тоа. Види уште една глупост, носат мазут во Битола, а тоа го имаат во Неготино. Не можам да разберам како е можно никој да нема слух за она што со години, па и изминативе месеци го алармираме, едноставно тоа е што е, вели за Алфа Константин Димитров, униврзитетски професор по енергетика.

Цената на струјата на светските берзи во меѓувреме порасна за дури 4 пати и достигна до 200 евра за мегават час. Откако снабдувачите почнаа да ги раскинуваат договорите со компаниите, владата најави дека со интервентната набавка на јаглен ќе се обиде да им помогне на компаниите, но барем за сега без успешно. Кога точно ќе се распише нов тендер за набавка на јаглемнот од „ЕСМ“ не прецизираа.

Борис Грујоски