Објавена нова снимка од драматичниот пад на филипинскиот авион (видео)



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Бројот на жртвите во падот на авионот на воените сили на Филипините достигна 45, вклучувајќи ги и цивилите кои настрадаа во несреќата, соопшти Министерството за одбрана.

По падот на воениот транспортен авион Локид Ц-130, петмина припадници на армијата сè уште се водат како исчезнати, пренесува Ројтерс. Агенцијата наведува дека во авионот што превезувал војници на југ од Филипини, во провинцијата Сулу, каде што трае конфликтот со исламистичките бунтовници, имало 96 лица.

Во пошумената област на провинцијата Сулу, единиците на филипинската армија долго време се бореа против исламските бунтовници од групата Абу Сајаф и други екстремистички фракции, но портпаролот на армијата на Филипините, полковник Едгар Аревало, потврди дека воениот транспортен авион не бил нападнат, пренесува АП.

Авионот се сруши при слетувањето во селото Бангкал во провинцијата Сулу, изјави началникот на Генералштабот, Сирилито Собехана.

Има спасувачи на местото на несреќата, се надеваме дека ќе можеме да спасиме повеќе луѓе, рече Собехана.

Двајца пилоти ја преживеаја оваа најтешка несреќа на филипинските воздушни сили во последните 30 години, но четворица селани кои беа на местото на несреќата беа сериозно повредени, пренесува АП.

Авионот превезувал војници, од кои повеќето штотуку биле приклучени на армијата, во провинцијата Сулу на воена обука, а министерот за одбрана на Филипините Делфин Лорензана потврдил дека сите патници биле припадници на армијата кои служеле на аеродромот Лагиндинган, на околу 460 километри североисточно од местата на несреќата.

Дописникот на АП од припадниците на филипинските воздухопловни сили дозна дека авионот ја промашил пистата, дека после тоа пилотите повторно се обиделе да го подигнат авионот, но дека не успеале, по што се случила несреќата.

Во соопштението на филипинската армија се цитираат очевидци дека непосредно пред падот, тие виделе како војници скокаат од авионот за да спасат од евентуалната експлозија по падот.

Снимките објавени на Твитер од страна на АБС-ЦБН Њуз покажуваат чад и пламен од остатоците на авионот Локид Ц-130 Херкулес што САД и ги поклонија на армијата на Филипините.